еМагазин
Image default
Бизнис

Лештар: „Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува, за поголема интернационална експанзија

Една од најуспешните компании во ИКТ-секторот во нашата земја „Сеавус“ ја купи најголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, Групацијата „Арикома“, која е дел од Групацијата ККЦГ на Карел Комерк.

Основачот на „Сеавус“, Игор Лештар во интервју за „А1он.мк“ вели дека одлуката за продажбата не била едноставна.

„Гледано од оваа перспектива, приказната за „Сеавус“ личи на онаа како кога се расте дете, го кревате на нозе, го учите на лични вредности, го водите на прав пат, вложувате во него. Кога ќе созрее проценувате кога е најдобар момент да му го отворите патот и со ваша поддршка да продолжи да се развива.

Оттука и одлуката за продажбата на „Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема интернационална експанзија. За тоа му е потребно окрупнување и му е потребен еден многу посилен финансиски партнер што може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој,“ вели Лештар и додава дека продажбата отвора нови перспективи за компанијата и вработените.

„Длабоко сум убеден дека заедно со силен стратешки партнер како „Арикома“ ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиии.

Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти.

Уверен сум дека како тим имаме капацитет да му додадеме дополнителна вредност на нашиот стратешки партнер и да придонесеме кон успешната приказна на „Арикома“ и „Сеавус“,“ вели Лештар.

Инаку „Сеавус“ сега брои 800 вработени, но во компанијата со текот на годините растеле и се развивале голем број ИТ-специјалисти, кои се дел од динамичниот свет на ИТ индустријата.

„Нивниот сегашен успех ме прави горд и затоа верувам дека придонесот на „Сеавус“ во развојот на ИТ-индустријата во Македонија е значаен. Но, особено сум благодарен на актуелниот менаџерски тим на „Сеавус“ кој ја овозможи реализацијата на една ваква успешна приказна.

Накусо вредноста на „Сеавус“ се луѓето во неа, нивната желба за надградба и амбициозност за успех, што „Сеавус“ како компанија им ги овозможува за заемна реализација на целите. Токму затоа, на постојните 800 вработени планирани се и нови вработувања со тенденција тој број да достигне до 2.500-3.000 луѓе,“ додава Лештар кој ќе работи заедно со раководството од „Арикома груп“.

Во однос на групацијата „Арикома“ вели дека има 2.800 вработени само во ИТ сферата и станува збор за инвестициска групација која купува фирми и понатаму ги развива.

За во иднина, Лештар откри дека во бизнис-портфолиото има и други компании и бизниси, односно нови идеи кои планира да ги реализира и на кои интензивно со тимот работат.

„Самата продажба на „Сеавус“ ми овозможува од аспект на капитал, но и време, да се посветам на развој на нови бизнис-идеи. Во последно време исклучително интересна е финтек-индустријата (Financial technology) каде што гледам голем потенцијал.

Веќе работиме на нови решенија и бизниси токму за Македонија, но и интензивно размислувам и за другте индустрии во кои сакам да вложувам и да придонесам. Моделот по кој го развиваме „Сеавус“ се покажа успешен, па зошто да не го реплицираме кога веќе ги имам енергијата, амбицијата и визијата.

Ќе продолжам да инвестирам во мојата држава бидејќи сакам да напредува и да ја видам економски силна и стабилна,“ заврши Лештар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Kомпаниите каде директори се жени, во 71,4% оствариле добивки во последните објавени финансиски извештаи

Редакција

Важно известување за патниците на „Виз ер“ од Меѓународниот аеродром Скопје

Редакција

Колку пари чуваат граѓаните во Комерцијална банка

Редакција