еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт и не се шират лесно како Ковид-19, велат од СЗО

За разлика од Ковид-19, мајмунските сипаници обично не се шират лесно меѓу луѓето, а за да се случи тоа потребен е близок контакт преку кој вирусот ќе влезе во телото преку исеченица на кожата (дури и кога таа не е видлива), респираторниот тракт или мукозни мембрани (очите, носот или устата), како и преку телесни течности или продолжен контакт со предмети контаминирани од истите (облека, постелнина, пешкири, итн.), вели во изјава за МИА специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во Македонија, д-р Ане Јохансен.

Симптомите се најчесто лесни и се во форма на лезии кои можат многу да чешаат или да болат. Се јавува осип со меури на лицето, рацете, стапалата, очите, устата и/или гениталиите (во актуелнава епидемија најмногу се пријавени случаи на генитален и перианален осип), треска, отечени лимфни јазли, главоболки, болки во мускулите и ниско ниво на енергија.

Сепак, вели Јохансен, мајмунските сипаници може да бидат тешко заболување, особено за децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица.

Американскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека мајмунските сипаници можат да се пренесат на секого кој има близок контакт преку кожа или интимен контакт – орален, анален или вагинален секс или допирање на гениталиите на лице заболено со мајмунски сипаници.

Понатаму преку прегрнување, масажа и бакнување, допирање на предмети како облека, пешкири, постелнина на лице заболено од овие сипаници, кои не се дезинфицирани.

Бремените жени можат да го пренесат вирусот на фетусот преку плацентата.

Лице заболено со мајмунски сипаници може да го шири вирусот од моментот додека не се појават симптомите, па се додека осипот не се изгуби. Болеста трае од две до четири недели.

Научниците се уште немаат одговор дали вирусот се шири додека не се појават првите симптоми, како и тоа колку често мајмунските сипаници се шират преку респираторни секрети.

Во земјава вчера до Институтот за јавно здравје беше доставен примерок за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Се работи за пациент од Кичево, кој пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунски сипаници.

Комисијата за заразни болести препорача изолација во домашни или болнички услови за сомнителните случаи до нивно тестирање, изолација на потврдените случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите и секојдевно епидемиолошко следење на контактите на потврдените случаи за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден.

Навремената детекција и изолација клучни за справување со болеста

Претставничката на СЗО во земјава вели дека главните мерки за ставање под контрола на епидемијата на мајмунските сипаници се раната детекција и пронаоѓањето на контактите и нивната изолација.

Исто така, според Јохансен, комуникацијата во форма на информирање за ризиците и ангажирањето на заедницата се интервенции од суштинско значење. Државите треба да соработуваат едни со други и со СЗО, обезбедувајќи ја потребната помош преку билатералните, регионални или мултилатерални канали, како и да ги следат упатствата што ги дава СЗО, вели Јохансен.

Таа во изјавата за МИА појаснува дека ковид и мајмунските сипаници се два мошне различни вируси и заболувања. Додека пандемијата на Ковид-19 одзеде над два милиони животи во Европа, првичните пријавени случаи на мајмунски сипаници се главно лесни од аспект на клиничката слика.

– Најголем дел од случаите што во моментов се испитуваат во Европа се лесни. Знаеме дека иако мајмунските сипаници поминуваат сами од себе во повеќето случаи, тие поседуваат потенцијал за предизвикување тешки компликации. Околу осум проценти од досега пријавените случаи завршиле во болница со цел изолација или лекување на заразените, вели Јохансен.

Најчестите причини заради кои заразените се хоспитализираат се добивање помош за справување со болката, секундарни инфекции, а во мал број случаи и заради лекување на животозагрозувачки компликации како на пример воспаление на мозокот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски не очекува оваа болест да стане проблем како што е коронавирусот.

– Проширувањето не оди така брзо како што на почетокот се плашевме, веројатно изгорени од короната. Се одвива пренесување во одредени групи. Вакцините во цел свет се препорачуваат за тие ризичните групи, со ризични контакти. Не се предвидува во моментов никаде масовна имунизација, посочува Петличковски.

Ризик за зголемување на бројот на заразени од мајмунски сипаници во летниот период

Проценките на СЗО се дека ризикот од мајмунски сипаници на светско ниво и во сите региони на СЗО е среден, со исклучок на европскиот регион на СЗО каде истиот го оценуваат како висок.

– На европскиот регион на СЗО отпаѓаат отприлика 55 проценти од потврдените случаи на мајмунски сипаници во светот изминатиов месец, при што четири земји (Шпанија, Обединетото Кралство, Германија и Франција) пријавиле 76 отсто од случаите, посочува Јохансен.

Од средината на мај заклучно со 9 август, пријавени се повеќе од 17.800 потврдени или веројатни случаи на мајмунски сипаници во 40 земји, а пријавени се и два смртни случаи во Шпанија.

Со континуираното ширење на мајмунските сипаници во Европа, како што вели Јохансен, очекуваат поголем број на тешки и смртни случаи од ова заболување.

– Нашата цел мора да биде брзо прекинување на ширењето на ова заболување во Европа и намалување на бројот на случаи со помош на низа мерки што во моментов ни стојат на располагање, додаде таа.

Претставничка на регионалниот директор на СЗО за Европа во Македонија вели дека Светската здравствена организација препорачува да се избегнува контакт кожа со кожа или лице со лице со секој кој има симптоми и контакт со алишта или постелнина користени од страна на заразено лице.

Се препорачува безбеден секс и редовно миење на рацете, особено пред и по контакт со лице кое има симптоми или со предмети што се во негова сопственост.

Вакцинација за превенција од мајмунските сипаници

Европската агенција за лекови ја одобри вакцината за превенција на мајмунските сипаници, а според податоците на СЗО и традиционалната вакцина против големи сипаници (лат. variola vera) обезбедува заштита, но овие вакцини не се нашироко достапни.

– СЗО во моментов не препорачува масовно вакцинирање против мајмунски сипаници, имајќи го предвид и фактот дека во најголемиот број случаи мајмунските сипаници поминуваат сами од себе, односно симптомите исчезнуваат за две до три седмици, вели Јохансен.

Препораката од СЗО е целна вакцинација за лицата изложени на заболени од мајмунски сипаници и за оние под висок ризик од изложеност, каде спаѓаат здравствените работници, одредени профили на вработени во лаборатории и лицата со поголем број сексуални партнери.

– Одлуката дали некој ќе се вакцинира треба заеднички да ја донесат лицето кое може да се најде под ризик и неговиот или нејзиниот лекар, врз основа на проценка на ризиците и користа од примањето вакцина која треба да се направи посебно за секој посебен случај, додава таа.

Светската здравствена организација посочува дека вакцинацијата против сипаниците не обезбедува моментална заштита од зараза или заболување бидејќи за тоа може да бидат потребни и неколку седмици.

– Ова значи дека и лицата кои се вакцинирале треба да продолжат со почитување на мерките за заштита така што ќе избегнуваат блиски контакти, вклучително и секс, со други лица кои заболеле или се под ризик да заболат од мајмунски сипаници, порачува претставничка на регионалниот директор на СЗО за Европа во Македонија, д-р Ане Јохансен.

Препораки од СЗО за справување со состојбата со мајмунските сипаници

– Дури и во земјите кои сè уште немаат пријавено случаи на мајмунски сипаници, важно е органите задолжени за јавното здравје брзо и значително да ги зајакнат националните капацитети за надзор, испитување, дијагностика и пронаоѓање на контактите, сè со цел да се идентификува и следи секој евентуален случај, апелира Јохансен и додава дека голема е веројатноста дека голем број случаи остануваат неоткриени, што дополнително ја разгорува епидемијата.

Јохансен препорачува секој кој ќе забележи на себе невообичаен осип да се обрати кај својот матичен лекар. Што се однесува до лекарите, таа порачува дека секој пациент со суспектни мајмунски сипаници треба да биде испитан и изолиран за време на претпоставениот инфективен период на болеста (од моментот на првите симптоми), односно познатиот инфективен период (појавата на осип).

Хигиената на рацете и респираторната хигиена, заедно со личната заштитна опрема и соодветната изолација на суспектни и потврдени случаи, се исто така од суштинска важност за намалување на пренесувањето на болеста во самите здравствени установи. Овде станува збор за истите мерки што беа препорачани и се применуваат за Ковид-19.

– Соочени со неизвесност околу тоа што носи иднината, државите мора да соработуваат и споделуваат информации, искористувајќи ја до максимум секоја можност за предвидување, контрола и запирање на ширењето на овој вирус за кој допрва имаме уште многу да учиме, порачува Јохансен во изјава за МИА.

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кардиоваскуларните заболувања во време на пандемија со корона вирусот

Редакција

„Титаник 3“ продолжува на 22 февруари, за да се обезбеди клучен сведок

Редакција

(Видео) Се изгасна светлото во последната независна телевизија во Русија, „Дожд“, вработените се одјавија со „Лебедово езеро“

Редакција