еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Македонија ѝ донира тенкови на Украина

Министерството за одбрана и Армијата потврдија дека и се донирани тенкови на Украина, истакнувајќи оти се работи за тенкови од третата генерација, а со оглед на развојот на технологијата, неконкурентни и некомпатибилни.

Од Министерството без да ја споменат бројот на донираните тенкови, за МИА информираа дека дополнително во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за уништување на тенковите, што според нив е нецелисходна активност за нашата Армија.

– Согласно донесените Одлуки од страна на Владата во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците.

С Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства, наведува МО.

Додаваат дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон, која како што велат оттаму веќе е во тек, и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата.

Информираат дека имајќи ги предвид, НАТО-одбранбено планирање, планот за модернизација и опремување на Армијата, во тек е проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување на Договори помеѓу Владите на Македонија и САД.

– Пред некој ден пристигна и испораката на првите 6 ЛОВ JLTV во рамките на овој проект. Оваа испорака претставуваат сериозен исчекор во процесот на модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите и ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е наша НАТО единица како и замена на застарените тенковски капацитети кои нема да бидат дел од армиската формација појаснуваат од Министерството.

Појаснуваат дека Министерството се наоѓа во процес на реформа и модернизација кој предвидува динамична набавка на современа техничко-технолошка опрема.

– Министерството за одбрана и Армијата е во процес на реформа и модернизација кој предвидува динамична набавка на современа техничко-технолошка опрема во согласност со цврсто определени приоритети, приоритети за остварување на соодветни НАТО-цели на способности во согласност со НАТО-утврдената методологија за доктринарност, организираност, обука и образование, материјална поддршка, лидерство, персонал, инфраструктура и интероперабилност.

Наша главна цел е воспоставување на финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна армија со нова структура и со намалена бројна состојба која ќе биде способна за извршување на одбранбените мисии од Уставот на  Македонија, националните стратешки документи и задачи произлезени од НАТО стратегискиот концепт, потенцираат од Министерството.

МИА/Фото: МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Сестрата на Ким Јонг Ун страв и трепет во Северна Кореја и регионот

Редакција

Уште 30 можни производители на генетски модифициран ориз во Македонија

Редакција

Нов црн баланс: Бројот на жртви во земјотресот во Турција и Сирија над 17.000

Редакција