еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка во евроинтеграциите

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на европската интеграција.

Двајцата министри ги оценија односите меѓу двете држави како одлични и потенцираа дека ова е уште една потврда дека се дава посебно значење на соработката и натамошниот развој на севкупните билатерални односи во исполнувањето на нашите стратешки цели – евроинтеграцијата.

На прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот вицепремиерот Маричиќ истакна и дека двете Влади имаат иста задача и мисија.

„Да ги приближиме нашите граѓани повеќе до вредностите на ЕУ во наредните години, но и придобивките што ќе ги имаат од тој процесот на пристапување да ги направиме уште повидливи.

Со Србија не сме само соседи и географски блиски земји. Со Србија имаме заедничко минато, блиски традиционални врски меѓу двата народа и што е најважно имаме заедничка иднина и ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани,“ рече Маричиќ.

Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка, нагласи вицепремиерот двете земји придонесуваат кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ.

„Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот,“ рече Маричиќ.

Осврнувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“, вицепремиерот нагласи дека практично ни покажа како е да се функционира во ЕУ, како е да зборуваме за инфраструктурни проекти, за трговска размена, мобилност на нашите граѓани, за јакнење на економијата и создавање стабилна и поволна средина за инвестиции.

Српската министерка Мишчевиќ истакна дека одлична е хемијата и духот помеѓу двете институции, нарекувајќи ги двете држави „братски“, кои се занимаваат со стратешки работи.

„Соработуваме многу долго и успешно. Понекогаш ние учиме од Северна Македонија, понекогаш тие учат од нас,“ рече Мишчевиќ.

Според српската министерка, денес дојде вистинско време да се зборува за новата методологија.

„Многу добро разговаравме за тоа како тече скринингот, како се одвива во кластерите, како изгледаат новите обврски коишто веќе во некоја мерка се разликуваат во она што Србија го правеше во преговарачкиот процес.

Но, не само учење туку како што кажа Маричиќ, нашата задача е да се обидеме да најдеме заеднички настап кон ЕУ и државите членки кога е во прашање новата методологија, бидејќи има некои прашања на кои можеме заеднички да одговориме, но и заеднички да ги отвориме односно истите да бидат што е можно повеќе свртени кон нашето разбирање на потребите,“ рече Мишчевиќ.

Ние, потенцира таа на прес-конференцијата, сега учиме како да разговараме со Унијата како регион, а утре како членки на Унијата како да се групираме како регион и да ги штитиме нашите интереси кои ќе бидат поразлични од другите региони во ЕУ.

Српската министерка посочи дека се работи на што поголемо вклучување на заедничкиот пазар на ЕУ, преку концептот на Отворен Балкан.

„Една од работите што можат да се разговараат е како да се искористат нашите договори за стабилизација и асоцијација за да го подобриме тој сегмент затоа што се согласувам во целост дека најголемата корист од процесот треба да биде достапна на сите нас како граѓани.

Сите оние коишто можат да користат прекугранични соработки, проекти кои произлегуваат од таа соработка, оние што имаат потенцијали да се развиваат и да тргуваат со ЕУ, оние кои што се обидуваат да ги унапредат своите капацитети, знаење и вештини за да одговорат на новите предизвици на дигиталниот и ИТ свет на тие прашања апсолутно можеме да разговараме,“ рече Мишчевиќ.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хирурзи од Бугарија и Македонија водат успешен проект за операција на тешки вродени аномалии кај бебињата

Редакција

Билатерални канцеларии за зближување на младите луѓе од земјава и од Грција

Редакција

(Видео+Фото) Заев во Њујорк се сретна со Мицотакис: Средбата пред камерите изгледаше пријателска

Редакција