Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на одбележувањето на 31. роденден на партијата во Антички театар во Охрид најави пресврт, ново доба во функционирањето, чија основа, како што рече, е грижата за нашата земја, во секој поглед, национален и општествен, културен и економски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ГАЛЕРИЈА) 31 година ВМРО-ДПМНЕ: Роденденот прославен во Антички театар во Охрид
„Нови позитивни ветришта доаѓаат, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предводи промените кои во Македонија ќе создадат она што сега насушно треба, а тоа е систем.
За жал и не е прегрубо ова да го кажам – денеска во Македонија постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред и оваа поделба која е фактичка е директен производ на однесувањето на власта на СДСМ и Заев.
Граѓани од прв и од втор ред е ситуацијата во која половина милион луѓе живеат со едвај 150 денари на ден, а политичарите од власта и нивните блиски одат на скапи летувања и зимувања, возат најмодерни возила, мотори и јахти, се гоштеваат со државни картици и народни пари.
Граѓани од прв и втор ред е кога стотици илјади луѓе не може да стигнат до вакцина против Ковид-19, не се ниту вакцинирани, додека власта, нејзините семејства и блиски се вакцинираат пред сите други возрасни, хронично болни, мајки, трудници, па не само што се вакцинирани, туку и веќе се ревакцинирани.
Граѓани од прв и втор ред постојат кога огромно мнозинство на граѓани кои целиот свој работен век плаќале за здравствено осигурување не може да добијат лекарска грижа и мора да одат на приватен доктор, додека оние кои ја крадат државата на дневно ниво и им се поприоритетни провизиите, без проблем си плаќаат услуги во приватното здравство,“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека за граѓаните кои во сопствената држава ги третираат како од втор ред, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со ново кредо „Македонија за сите луѓе“.
„„Македонија за сите луѓе“ е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со којашто ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин.
Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да ја градат токму овде, во Македонија.
Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството.
Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и сите граѓани кои слободно живеат под ова небо. Затоа нашата борба од денес па натаму, се вика Македонија за сите луѓе,“ додаде Мицкоски.
Целта, како што додаде тој, е и да претстават дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ги почитуваат.
„Она што следува од ВМРО-ДПМНЕ е посета на населените места и градови каде ќе зборуваме за политиките. Нашиот слоган е „Македонија за сите луѓе“. Оваа нова политичка стратегија ќе ја оствариме преку нашите политики, кои ќе ги објаснуваме и соопштуваме. Политики за сите луѓе,“ рече Мицкоски.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ