Макпетрол со зголемена добивка во првото полугодие

Во првите шест месеци од годинава Макпетрол АД Скопје остварил вкупен приход во износ од 17,7 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 3,22 милијарди денари, односно остварен е раст од 22,21%, соопшти Друштвото преку Македонската берза.

-Во структурата на приходите, најголем удел со 98,24% имаат приходите од продажба, од кои 92,31% се остварени преку продажба на домашен пазар, а 5,93% се остварени преку продажба на странски пазар, односно преку извоз на млазно гориво.

Во текот на 2026 година, Макпетрол како потврден лидер на малопродажниот пазар на деривати го зголеми количествениот промет за 1,16%. Дополнително во согласност со стратегијата, а со цел задоволување на потребите на потрошувачите кои секогаш се во фокусот, компанијата го прошири малопродажниот асортиман кој се нуди на бензинските станици, а прометот со истиот се зголеми за 13,7%.

Како резултат на зголемувањето на количествениот промет со нафтени деривати на бензинските станици и на прометот на дополнителниот асортиман, приходите на мало бележат раст од 17,4%, велат од таму.

Приходите од големопродажниот сегмент бележат раст од 55,06% во најголем дел поради зголемената продажба на млазно гориво.

-Вкупните расходи остварени во 2026 година се во висина од 17,15 милијарди денари што претставува зголемување во однос на минатата година за 3,17 милијарди денари или за 22,7%.

Растот во најголем дел се должи на зголемените трошоци за набавна вредност за 3,09 милијарди денари или 25,31% и на трошоците за вработени за 52,99 милиони денари или 5,91%.

Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е најголем дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 87,98% од истите.

Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои компанијата има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати. Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.

Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на првото полугодие на 2026 година, Макпетрол оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 551,53 милиони денари, која е поголема за 8,72% од остварената добивка за првото полугодие на 2025 година кога изнесуваше 507,31 милиони денари, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Макпетрол лани со зголемена добивка

Андреја Јосифовски купи нови акции на Макпетрол

Макпетрол ќе дели дивиденда од 4.620 денари за акција

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести