еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Макпетрол со добивка во првото полугодие

И покрај сите предизвици, во текот на првата половина на 2023 година, Макпетрол АД Скопје оствари позитивни резултати кои ги надминаа планираните, иако приходите и добивката забележаа пад, информираат од компанијата преку Македонската берза.

-Во текот на 2023 година, Макпетрол оствари вкупен приход во износ од 13,87 милијарди денари, кој е помал од минатогодишниот за 2,46 милијарди денари, односно остварен е пад од 15,06%.

На квартално ниво, вкупните приходи во 2023 година се намалуваат, во најголем дел поради намалувањето на цените на нафтените деривати.

Во структурата на приходите, најголем удел со 99,05% имаат приходите од продажба, од кои 95,97% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 3,08% се остварени преку продажба на странски пазар.

Падот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на намалените приходи на големо за 41,93%, а истите учествуваат со 15,92% во приходите од продажба.

Главни причини за намалување на приходите на големо се падот на продажбата на природен гас од 28%, како и падот на продажбата на млазно гориво од 35%.

Во текот на првото полугодие од 2023 година, при неповолни економски услови, Друштвото како потврден лидер на малопродажниот пазар го зголеми количинскиот промет со нафтени деривати на мало за 4,97%.

Во согласност со стратегијата, а со цел задоволување на потребите на потрошувачите кои се секогаш во фокусот, Друштвото го прошири малопродажниот асортиман кој се нуди на бензинските станици, а прометот со истиот се зголеми за 15,26%.

Но и покрај зголемувањето на количинскиот промет, приходите на мало бележат пад од 6,35% како резултат на намалувањето на цените на нафтените деривати на светските берзи, кои како набавни цени зафаќаат најголем дел од малопродажната цена на дериватите, велат од таму.

Вкупните расходи остварени во 2023 година се во висина од 13,53 милијарди денари, што претставува намалување во однос на минатата година за 2,21 милијарди денари или за 14,05%.

-Падот во најголем дел се должи на намалените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 16%, поради стабилизацијата на цените на светските берзи како резултат на моменталното надминување на предизвиците од светската енергетска криза, која се уште не се смета за завршена.

Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 87% од истите.

Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати.

Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот, велат од таму.

Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на периодот, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 339 милиони денари, која е помала за 42% од остварената добивка за шесте месеци минатата година кога изнесуваше 585 милиони денари, велат од таму.

-Врз база на остварените резултати, можеме да заклучиме дека Друштвото остварува континуиран успех и се задржува на лидерската позиција децении наназад, а истото е резултат на посветеноста на вработените, кои се најголемата сила и движечка енергија на Макпетрол АД.

Со цел надминување на економската криза и подобрување на животниот стандард на вработените во текот на 2023 година, се покачија платите на вработените. Истакнатиот труд и посветеност, исклучителната работна етика и силната тимска работа беа наградени со распределба на вкупно 149,1 милиони денари од годишната добивка, со што секој од вработените доби паричен износ во просек од 97% од нивната плата.

Дополнително во текот на првото полугодие Управниот одбор на Друштвото донесе одлука за исплата на регрес за годишен одмор во нето висина од 36.000 денари, што е на ниво на просечната нето плата во државата, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Андреја Јосифовски купи акции во Макпетрол

Нема големи поместувања во цените на метанот и на природниот гас во јули, велат од „Макпетрол“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Завршија контролите во КАМ, нема затворен објект, велат од УЈП, под лупа и други маркети

Редакција

„Макпетрол“ ќе исплати бруто дивиденда од 2.000 денари по акција

Редакција

Кои се обичаите: Почнува рамазанскиот пост

Редакција