еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Малешевијата топ дестинација за планински туризам: Патеки во должина од 250 километри, поставени 1.000 патокази, 500 маркациски столбови

Утре, 30 јуни, ќе се промовираат нови туристички содржини и производи за авантуристички туризам во Малешевскиот регион. Имено, во периодот од мај 2020 до јуни 2021 година, друштвото за услуги и консултатнтство во авантуристичкиот туризам „Маунтин Експириенс“ од Скопје, стави во функција патеки за планински туризам со вкупна должина од 250 километри, изработен е промотивен материјал кој вклучува туристичка – топографска мапа, книга водич (guide book) на три јазици и мобилна апликација за туристичките содржини поврзани со патеките за планински туризам.

Во разговорот за еМагазин, координаторот на проектна задача, Костантин Циривири, вели дека уредувањето на патеките е дел од проектната задача за ставање во функција на мрежно поврзан систем на патеки за планински туризам со вкупна должина од 80 километри и изработка на промотивни материјали финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC (Swiss development cooperation).

„Откако ги направивме првичните теренски сондажи и следствено на тоа валоризација на постоечките ресурси во насока на креирање нови производи за авантуристички туризам, дојдовме до заклучок дека предвидениот обем од 80 километри не е доволен за да се формира стандардизирана основа за нови производи.

Затоа решивме да вложиме сопствени средства на компанијата во насока на проширување на мрежата на патеки, од 80 на 250 километри за да се обезбеди неопходниот минимум за привлекување пазарен интерес.

Овде сакаме да напоменеме дека без почетните средства и иницијативата на донаторот за поставување супраструктура за авантуристички туризам, процесот веројатно немаше воопшто да започне, но исто така сметаме дека екстензијата за повеќе од 300% од договорениот обем, без дополнителни финансиски побарувања кон донаторот, исто така е многу важна.

Генерално гледано РС Македонија има одлични можности за развој на авантуристичкиот туризам, меѓутоа тоа само по себе не значи и готов производ, а уште помалку донесени туристи. За да се постигне крајниот ефект потребна е систематска и напорна работа со примена на знаење и несебично вложување,“ вели Циривири.

 

Патеки за секого

Патеките што се ставени во функција се меѓусебно поврзани во мрежно организиран систем, па така движењето може да започне од едно место, на пример Пехчево и да се одвива преку туристичката населба Абланица, градот Берово, Беровско Езеро, се до граничниот премин Клепало.

„Мрежно поставениот систем на патеки овозможува креирање тури со различна должина, од само неколку километри и лесни по тежина, до стотина километри и со екстрмна тежина.

Конечниот дизајн на турата ќе зависи од целната група – клиентите на пазарот, и секако умеењето на туристичкиот оператор. Поставената туристичка супраструктура (патеките на планина) се основа за креирање на турите со различна структура, должина и тежина,“ додава тој.

Патеките поминуваат низ живописни предели и во близина на некоја Малешевска колиба каде што може да се почувствува духот на традицијата, а во некои од колибите и да се добие домашно приготвена храна или објаснение за традиционалниот начин на живот.

За полесно движење, изработена е туристичка топографска мапа со новоуредените патеки каде што се внесени сите места од туристички интерес кои се во контекст на понудата поврзана со патеките.

„Мапата е едноставна, прегледна и лесна за користење за почетници, но од друга страна дава можност и за најпрецизни топографски пресметки.

Книгата водич е комбинација на технички документ за патеките во кој се содржани сите релевантни податоци за патеките (должина, денивелација, карактер на подлога, опкружување…) со промотивно анимациски материјал, кој има за цел да потикне интерес за посета на подрачјето и да ги потенцира посебностите на новите производи.

Мобилната апликација преставува информативна алатка во која што се содржани податоци од интерес за туристите кои би се движеле по патеките, но воедно таа служи и како навигациска алатка преку ГПС систем. Со тоа се олеснува максимално движењето по патеките и безбедноста на туристите.

Главниот фокус при дизајнирањето на најголемиот дел од новите производи е насочен кон семејства каде што нивото на компетенции за движење на планина е мало.

Од друга страна и маркацискиот систем е дизајниран и организиран да овозможи безбедно движење по патеките (од навигациски аспект) за секого, а големо внимание е посветено и на публикување информации за безбедност за време на пешачка или велосипедска тура на планина.

Маркациите се поставувани често, и од позиција на една маркација има можност да се видат неколку наредни, што е неопходно за креирање чувство на безбедност при движење по патеките,“ потенцира Циривири.

После првичните согледувања за состојбата „на терен“ им било предложено на донаторот (Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC – Swiss Development Cooperation) и координаторот на Програмата за зачувување на природата – Фармахем од Скопје, да се започне со обука на професионални водичи во планина, како неопходен предуслов за создавање човечки ресурси потребни за одржување на производите во живот и натамошна надградба на дестинацијата.

„Во септември 2020 година започна обуката на кандидатите кои се обучуваат според професионалниот УИМЛА стандард и оваа обука е во времетраење од најмалку две години.

По завршувањето на обуката, водичите треба да бидат дел од туристичко информативните центри што се во план да бидат ставени во функција во Берово и Пехчево.

Мобилната апликација ќе се прошири со рубрика каде што ќе може да се ангажираат водичи за турите, а во план се и многу други иновативни методи за анимација на туристите и за промоција на авантуристичките содржини во Малешевијата,“ додава Циривири.

Подобрување на животот на локалното население

Имајќи предвид дека спроведувањето на овој проект се одвиваше за време на пандемијата, таа според Циривири значително ги отежнала работите на терен за уредување на патеките, го отежнала изведувањето на сите планирачки и подготвителни фази од процесот и изработката на финалните материјали.

„Земајќи предвид дека уредувањето на патеките е тешка и тимска работа, пандемијата многукратно го отежна процесот, што резултираше во пролонгиран период за реализација, но за жал и со значително зголемени трошоци за работа.

Среќна околност за нас е што имаме 35 годишно искуство во ваков тип изведби и во секој нов проект влегуваме со огромен ентузијазам примарно насочени кон создавање нови производи, а заработката ни е на второ, трето или можеби последно место.

Тоа е олеснителна околност за ваков тип активности, веројатно многу тешко за да биде сфатено во заедницата, а уште помалку од страна на донаторите.

Сериозен предизвик што се јавува во сите нови дестинации каде што развиваме авантуристички туризам е дефицитот на стандардизирани знаења и систематизирани искуства, што е сосема логично земајќи во предвид дека Македонија е авантуристичка дестинација во иницијален стадиум на развој.

Од друга страна пак повеќе од триесет години интензивно работиме на обука на стручни профили за активностите на планина, па овој „проблем“ го прифаќаме многу повеќе како мотив за работа отколку пречка,“ додава Циривири.

 

Овој проект ќе значи за развој на Малешевијата како туристичка дестинација, но според Циривири не би било коректно кон сите што во изминатите децении работеле на креирање туристички содржини во Малешевијата да се игнорира тоа што е претходно направено.

„Меѓутоа во рамки на активноста што ја спроведовме за прв пат во нашата земја е применета нова методологија за работа со дизајнирање на производите примарно детерминирани од пазарните потреби, се разбира во контекст на природниот потенцијал на подрачјето и строга имплементација на критериуми за создавање производи што ќе побудат чувство на комоција, безбедност и интерес за истражување.

Но да се држиме до фактите: уредени се 250 километри планински патеки според најсовремена методологија и дизајн на сигнализацискиот систем сочинет од повеќе од 1.000 патокази и 500 маркациски столбови, подржани со прецизна мапа, книга водич, мобилна апликација и обука на локални професионални водичи.

За природните потенцијали да се претворат во валоризирани туристички содржини тие треба да се обликуваат според барањата на пазарот и да се обезбедат стручни лица кои ќе бидат носители на услугите за новите туристички производи. Сето тоа е направено,“ додава Циривири.

Локалното население, додава нашиот соговорник е активно вклучено при планирачките работилници за патеките, во обуката на стручни лица за маркирање и одржување на патеките, започната е обука на локални професионални водичи во планина, а исто така и при изработката на студијата за авантуристичкиот туризам вклучени се локални стручни лица кои имаат сериозно искуство во примарните и секундарните туристички активности.

„Малешевците со гостопримлив народ, секогаш љубезни и желни за запознавање нови луѓе, но и горди на својата традиција. Живото културно наследство преку зачуваниот традиционален начин на живот присутен во секојдневието е најважниот „unique” елемент на дестинацијата.

Во крајна линија согласно препораките на ОЕЦД (Преглед на туризмот во светот во 2020 година) најважен критериум за развој на туризмот не е бројот на туристи или остварени ноќевања во дестинацијата, ниту пак остварениот приход, туку подобрувањето на животот на локалните заедници.

Доколку со оваа активност успееме да придонесеме барем малку за подобрување на животот на локалната заедница, можеме да кажеме дека сме ја постигнале целта. Се друго е помалку важно и минливо,“ завршува Циривири.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судот одобри куќен притвор за Јанакиески, Ристовски останува во затвор

Редакција

Македонска неправда: Во банките заштеди од 4,5 милијарди евра, а 455.100 лица живеат во сиромаштија

Редакција

Дизелот поевтинува за 2,5 денари, цените на бензините остануваат исти

Редакција