еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Масони во Македонија

Оставката на главниот државен обвинител на Хрватска, Дражен Јелениќ, бидејќи бил член на масонска ложа стана топ тема во регионов, а темата за Масоните, која често поради затвореноста на овие организации, се поврзува со разни теории на заговор за нивната вистинска моќ повторно е актуелна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хрватскиот државен обвинител поднесе оставка бидејќи бил масон

Масони во Македонија

Не е никава тајна дека и во Македонија има Масони и дека со години функционираат неколку масонски ложи.

Според информации кои се објавувани на оваа тема во македонските медиуми нивната бројка се движи од 150 до 200 лица.

Прв јавно на темата масонство во Македонија пред неколку години зборуваше Живко Груевски, тогаш Големиот мајстор на Големата масонска Ложа во Македонија, која е формирана во 2005 година.

“Во октомври месец после десетина години макотрпна работа на првите масонски браќа во суверена Република Македонија, успеаа да го заслужат признанието од Обединетата Голема Ложа на Англија и да го добијат светлото, или историски првата голема ложа на Македонија да биде назначена во Скопје“, вели Груевски за Радио Слободна Европа во март 2010 година (целата сторија ОВДЕ).

Тој вели дека ложата е регистирана во легалните органи и дека Масони во Македонија се политичари, бизнисмени, новинари, уметници, лекари, писатели.

“Братствата не водат листа со членови и таа никогаш не се објавува. Членови во масонската ложа се луѓе со сосема различни политички убедувања, дури некои од нив нормално и со определени функции во нивните професионални активности во нормалниот живот. Нема апсолутно никаква причина било кој член, поединец, индивидуално да не се претстави како масон„, вели Груевски.

Неколку години подоцна во интервју за неделникот „Капитал“, отворено на темата масонство зборува и познатиот специјалист – неврохирург, Јовица Угриновски, тогаш Големиот мајстор на Големата ложа на Македонија (целото интервју ОВДЕ).

На прашањето какви се македонските Масони во интервјуто тој одговара:

“Обични луѓе што секојдневно ги среќавате на улица, луѓе со кои што можеби секој ден пиете кафе, седите во канцеларија, ги гледате на телевизија, луѓе кај кои што го носите своето дете кога е болно, луѓе кои што го сервисираат вашиот автомобил, луѓе кои што ви одобруваат кредит, луѓе на кои што им аплаудирате во театар или на концерт, луѓе со кои го славите Бајрам или Бадник.

Тоа се обични луѓе од различни професии, од различни етнички групи, религии, со различен социјален и економски статус. Тие обични луѓе, сепак, по нешто се посебни. Тоа се слободни луѓе на добар глас. Тоа се луѓе кои што веруваат, веруваат во братската љубов, веруваат во себе, им веруваат на другите.

Тоа се луѓе кои што ги прифаќаат различностите на другите. Тоа се луѓе кои не се обидуваат да ги променат другите, туку се менуваат себеси, го обработуваат и мазнат сопствениот камен.

И само да додадам, ова не се карактеристики само на македонските Масони. Ова се карактеристики на било кој Масон на било која точка на земјината топка. Знам дека ова звучи неверојатно или идеалистички, ама така е!

Знам дека тие што не веруваат во ова и понатаму нема да веруваат, па затоа и не ги убедувам. Знам дека приврзаниците на теориите на заговор и понатаму ќе се држат до нив, затоа и не им аргументирам. Но, знам и тоа дека постојат многу луѓе кои што одговараат на описот што го дадов, а не се масони“.

Колку масонски ложи функционираат во Македонија?

Освен Големата Ложа на Македонија во нашата земја работи и Регуларната Голема Ложа на Македонија на стари, слободни и прифатени ѕидари.

Нема официјална информација какви се односите на овие две големи ложи.

Под јурисдикција на Големата Ложа на Македонија, како што стои на нивната официјална веб страна работат следните Ложи: Ложа „Скопје” Бр.1, основана на 2. октомври 2000 година, која работи на англиски јазик, Ложа „Единство” Бр.2, основана на 8. февруари 2002 година, која работи на македонски јазик, Ложа „Бели Мугри” Бр.3, основана на 20. јуни 2003 година, која работи на македонски јазик, Ложа „Утринска Ѕвезда” Бр.4, првата Ложа основана во чиста јурисдикција на Големата Ложа на Македонија, на 5. февруари 2007 година, која работи на македонски јазик, Ложа „Светлина“ Бр. 5, основана на 30. септември 2015 година, која работи на македонски јазик, Ложа „Пелагонија” Бр. 6, основана на 28 јануари 2017 година, која работи на македонски јазик и Ложа „Quatuor Coronati” Бр. 7, истражувачка Ложа, основана на 6. февруари 2019 година, која работи на македонски јазик.

Покрај седумте ложи во т.н. „Сина Масонерија“ кои работат на 3-те степени на Ритуалот „Емулација“, во Македонија одржува останоци и „Капитол на Кралскиот свод од Лондон”, кој има одобрение од УГЛЕ за одржување состаноци во Скопје.

Масони биле и Даме Груев и Александар Протогеров?

Во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје има збирка масонски документи од кои може да се утврди дека во македонското револуционерно движење, освен Даме Груев, масони биле и Павел Шатев, Тодор Александров, Панчо Михајлов, Наум Томалевски, Димитар Молеров, Тома Карајовов, Димитар Ризов и многу други, а Александар Протогеров бил велик мајстор на масонска ложа!, пишува Блаже Миневски за весникот Нова Македонија во сторија објавена минатата година (целата сторија, ОВДЕ).

“Според масонските правила, секој масон од ложата на Протогеров, без разлика дали тој бил министер, генерал, владика или полицаец, морал сѐ што ќе види и слушне во Владата, Вишиот воен совет, Централната управа на резервните офицери, Светиот синод, Државната безбедност и слично, веднаш да му пренесе на великиот мајстор на Бугарската масонска ложа, значи на Протогеров, а тој, пак, преку човек за врски со Српската велика ложа, сето тоа итно да го достави до великиот мајстор на Балканот – српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, кој му бил потчинет на великиот мајстор на Франција!“, стои во текстот објавен во весникот.

Што е Масонство

Масонството е братска организација која се појавила кон крајот на 16 и почетокот на 17 век под нејасни околности.

Денес, Масонството го има насекаде низ светот во неколку форми и брои милиони членови.

Сите форми на масонството имаат морални и метафизички идеали кои најчесто вклучуваат конституционална изјава за вербата во Господ.

Братството административно, е организитано во Големи Ложи (или понекогаш Ориенти) и секоја од нив има свое сопствено уредување кое се состои од помали (или основни) Ложи.

Сите Големи Ложи се препознаваат меѓусебно преку симболи и бележја. Исто така има и додадени тела кои всушност претставуваат организации кои се поврзани со главната гранка на масонството, но имаат независна управа.

Масоните, освен симболичката позадина на градбата на Храмот на Кралот Соломон, ги употребуваат и метафорите на алатите и орудијата за работа на каменоресците за да го пренесат тоа што го опишуваат и Масоните и критичарите како систем од моралност обвиткана во алегорија и илустрирана преку симболите.

Користени материјали од Википедија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Единствениот Македонец кој остана на грчкиот остров Евија раскажува за пожарите

Редакција

Владата и општините скратија важни проекти за граѓаните во износ од 220 милиони евра за да ја „покријат“ кризата

Редакција

Роналдо стана прв фудбалер кој го постигнал 850 голови во кариерата

Редакција