Од Црвен крст на Македонија информираа дека како резултат на поплавите во Кичево се евакуирани и згрижени вкупно 250 лица.
Од нив, 61 се деца – меѓу кои едно дете е на возраст од 1 месец, едно од 2 месеци, едно од 7 месеци, а 58 деца се на возраст од 2 до 10 години.
Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет.
Со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно околу 1.200 лица.
Тие привремено се сместени во спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево.
Од таму информираат дека нивните волонтери работат на дистрибуција на хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства со цел да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди.
Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка, обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите.
Помагаат и при евакуација, вршат проценка на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Поради поплави евакуирани 180 лица во кичевско
Фото: Црвен крст














