еМагазин
Image default
Македонија

Мицкоски: Ако референдумот биде успешен и мнозинството е „за“, ќе го почитуваме тоа

Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна и ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски во емисијата Клик плус на ТВ 21.

– Ако референдумот е успешен и ако мнозинството граѓани се изјаснат „за“ дека го поддржуваат сето ова, тогаш ситуацијата е јасна, односно, ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус и мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна. Партијата ќе донесе свој став, но во таков случај и за нас и за целата македонска политичка јавност е јасно дека референдумот ќе биде успешен ако бидат исполенти овие два услова и тука нема дилема, рече Мицкоски прашан дали ако референдумот биде успешен ќе им каже на пратениците од партијата да ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дозволи промена на уставното име, Мицкоски рече дека партијата се уште го застапува тој став, но ако има успешен референдумски процес и мнозинството граѓани се изјаснат во насока на поддршка на Договорот во кој е предвидено, меѓу другото и тоа, ќе ја почитува таквата одлука.

Во однос на референдумот го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и НАТО, но е против Договорот за името со Грција.

Прашан зошто тогаш не повикал граѓаните да излезат на референдум и да гласаат против, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа би го направил ако прашањето се однесуваше само на Договорот. Сегашното референдумско прашање, според него е манипулативно.

– Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, но и сега е искрен, чесен и принципиелен и вели дека секогаш кога има решение, кога има договор ние треба да одиме на референдумско изјаснување на граѓаните. Но, неприродно, неетички, манипулативно успеавме два атрибути да споиме, а тоа е Европската Унија и НАТО да ги поврземе со темата договор, вели Христијан Мицкоски.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Приведен вработен во УЈП поради примање поткуп

Редакција

Не е законски, ама Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер

Редакција

Земјотресот во Грција, синоќа ги вознемири македонските граѓани

Редакција