Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи го францускиот предлог и изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи дека се уште немаат увид во истиот, рече дека според неговите информации истиот е усогласен со македонското МНР, додавајќи дека нема да си дозволи француската влада и Макрон да пратат предлог и тој претходно да не го усогласат со некакви канали за комуникација.
– Зошто никој не зборува за германскиот предлог во времето на владата на Меркел, од нивното претседателство, каде исчезна тој? Ајде да зборуваме за португалскиот предлог, што нашата влада го прифати, нели велеа го прифаќаме. Ајде да зборуваме за се што било порано.
Зошто сега сето ова не чинело за Радев, и наеднаш ова е добар предлог, најдобар. Сега ние треба како сериозни луѓе да си го ставиме прстот на чело и да размислиме што правиме и каде одиме? И дали треба воопшто треба да размислуваме и да губиме време или треба одма да го отфрлиме.
Затоа што секој ден тактизирање на Владата значи дека овој предлог е следната преговарачка позиција и одиме нагоре што се однесува до бугарските барања. Ова не е одговорно од Владата што молчи, рече Мицкоски во гостување во емисијата „Анализа“ на Телевизија 24.
Според Мицкоски, францускиот предлог не е добар за иднината и народот на државата.
– Јас велам дека тоа не е добро за мене, иднината на оваа држава и за мојот народ. Тоа е мојот став, нагласи Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ристевска – Јорданова за францускиот предлог: Прекинување на ветотото или бугаризација до недоглед?
Францускиот предлог носи бројни ризици и е преседан, Владата да не молчи, порачаа од ЕПИ и ИДСЦС
Димитров: Францускиот предлог ја билатерализира преговарачката рамка и не нè носи кон членство во ЕУ
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ