Македонија нема да испрати протесна нота до Бугарија за демолирањето на македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград, изјави мистерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Време е да ставиме црта на пинг-понг дискусијата со Бугарија“, одговори Османи на новинарско прашање дали македонското Министерство за надворешни работи ќе реагира на овој вандалски чин.
„Да оставиме дипломатијата да си ја врши работата. Да ги исклучиме граѓаните од овие непотребни и вештачки кризи кои се создаваат на сметка на внатрешни динамики во едната или другата држава.
Така што, барам разбирање, да ја вратиме позитивната агенда и мирот помеѓу граѓаните од двете држави и да разговараме за иднината“, изјави Османи.
Според него доколку се продолжи со ваквата динамика на комуникација, Македонија само ќе биде вовлечена во “вртлогот на нестабилното политичко општество и целокупниот изборен циклус во Бугарија“.
Тој порача дека Македонија не смееме да потклекне на било какви провокации и предизвици, особено не во еден ваков клучен период за нашата земја, која е во процес за отворање на преговорите со ЕУ.
„Ние не смееме да потклекнеме на таквите провокации и предизвици. Имаме скрининг којшто е во тек, имаме реформи коишто треба да ги спроведуваме и да ги оставиме граѓаните, да ги изолираме и да ги поштедиме од овој немир“, рече Османи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МНР