еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Наќе Чулев суспендиран од Агенцијата за разузнавање

Поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор во Агенција за разузнавање, Наќе Чулев добил суспензија од Агенцијата за разузнавање.

„На 8.6.2022, Наќе Чулев е суспендиран од работа. Причина за суспензија е добиеното Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со кое се регулира материја поврзана со безбедносниот сертификат.

До овој момент Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата. Со ова Агенцијата за разузнавање констатира дека Наќе Чулев манипулира со јавноста, се наведува во одговорот на Агенцијата,“ велат од Агенцијата за МИА.

Претходно Чулев на Фејсбук објави дека: „хибридниот режим предводен од СДСМ со сета сила ја уништува државата, удира по професионалците, се обидува да ги демотивира патриотите и ги партизира институциите.“

„По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, на мое жалење повеќе не сум дел од безбедносниот систем.

Криминалниот режим кој ја предводи власта и за жал ја води државата со сета сила удри и по мене и по мојот професионален интегритет.

Јас сум човек – професионалец кој својата кариера ја градел чекор по чекор, почнувајќи од најниското скалило во службата. Сите овие години бев во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија.

Ја сакам државата и придонесував за неа. Учествував и во многу операции за поддршка на меѓународната безбедност за што имам добиено награди и признанија како од неколку поранешни директори на матичната институција и претседателот на државата, така и од меѓународни партнери.

Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти, преку креирање на перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин, смислено и со план ги ослабнуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба.

Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено повторно го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние кои постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции.

Јас и понатаму ќе бидат истиот Наќе Чулев – човекот кој неизмерно ја сака својата држава и професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок и развој.

Нека ни е вечна Македонија,“ пишува Чулев.

МИА/Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

До 31. мај треба да ја потврдите или корегирате годишната даночна пријава за 2022 година

Редакција

Со сослушување сведоци и очевидци продолжува судењето за „Ласкарци“

Редакција

МОН го повлече учебникот Mакедонски јазик за петто одделение поради стереотипни и дискриминаторски содржини

Редакција