еМагазин
Image default
Македонија

На вработените кои штрајкуваат во образованието и градинките ќе им бидат исплатени само придонеси, најави министерката Тренчевска

На вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси, порача министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Таа нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.

-Не се работи за притисок, ниту за  каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот.

Истото е дефинирано и во Законот за работни односи (ЗРО) каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите.

Следниот член – 241 дава можност Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат, рече Тренчевска.

Таа нагласува дека доколку таа како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси и кривична одговорност.

-Јас како министер мора да го почитувам Законот и мора да го почитувам Колективниот договор. Се друго што ќе биде направено надвор од ЗРО и она што е мое законско овластување ќе биде злоупотреба на службена положба, а со оглед на тоа што е врзано со фискални импликации ќе значи кривична одговорност.

Не сакам да се впуштам во нешто што ќе значи кривична одговорност поврзана со моето работење, ниту прекршување на законската регулатива, нагласи министерката во одговор на новинарско прашање по посетата на градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош.

Според неа, Владата во текот на дијалогот го понудила решението кое е најсоодветно во однос на буџетот со кој располага државата. Со друго зголемување, нагласи таа, може да се предизвикаат несакани инфлаторни проблеми во државата.

Затоа, рече, е побарано и ресорните министерства за труд и социјална политика, за образование и наука, и за финансии, со ребаланост да обезбедат средства за покачување од 10 проценти на платите за вработените во образованието и детската заштита.

Побара СОНК да ја преиспита одлуката и неговите претставници и членството да седнат да разговараат за конкретниот предлог, и да го прифатат, со цел, како што рече, штрајкот да прекине и учениците да се вратат во училиштата и во градинките.

Таа нагласи дека за натамошно зголемување на платите е отворен и нов процес за подготовка за нов општ колективен договор во јавниот сектор во кој ќе се вклучува нова методологија која ќе овозможи постојан раст на платите во овој сектор, преку опција на годишно ниво да се усогласуваат со пораст на трошоци на живот и раст на просечната плата.

Според министерката Тренчевска, во 29 градинки во земјава вработените не штрајкуваат и таму нормално се одвива процесот на згрижување на децата. Во останатите, рече, се прифаќаат сите деца иако има делови од објектите кои се затворени.

Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата (СОНК) вчера рече дека очекува да ги добие заклучоците на Владата во врска со генералниот штрајк на вработените во градинките, основните и средните училишта и најави дека ќе ги разгледа и ќе се произнесе по нив. Дотогаш, посочија од СОНК, штрајкот на вработените во образованието и градинките продолжува.

Штрајкот на вработените во образованието и во градинките почна на 11 април.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе се вратат ли учениците во училишните клупи: СОНК денеска треба да се произнесе за предлогот на Владата за зголемување на платите од 10%

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Македонија се враќале црните традиции на палење, пукање и насилство врз луѓето, порача бугарскиот министер Милков

Редакција

Убава вест: Оздравени 241 пациени болни од Ковид-19

Редакција

На интернет се споделуваат лажни наградни игри, граѓаните да бидат внимателни со кого споделуваат лични податоци, апелираат од МВР

Редакција