Најголем дел од еколошкиот отпечаток кој се должи на транспортот произлегува од користењето на приватни автомобили. Според анкетата спроведена на граѓаните од град Скопје, 56,65 отсто користат сопствени автомобили како основно средство за превоз до секојдневните дестинации. Како резултат на возењето во такви услови на голем сообраќаен метеж, согорувањето на горивата е поголемо и на тој начин драстично се зголемува создавањето на стакленички гасови меѓу кои е CO2 .
Како што e објавено во билтенот на веб страницата на Град Скопје – zivotnasredina.skopje.gov.mk, споделување на возило за работа со колегите може да ни помогне да го избегнеме скопското секојдневие: многу возила, сообраќаен хаос и нервоза, а во повеќето возила има само по едно лице.
-Ако наместо да одите сами на работа, го споделите возилото со уште двајца-тројца колеги, со користење на соодветна заштита во овој период, бројот на возила на улиците ќе се намали за една третина. Колку полесно ќе се движиме низ градот тогаш, нели.
Погледнете дали вашиот работодавец ќе ви овозможи да работите од дома еден ден во неделата – така на годишно ниво ќе ги намалите своите емисии на јаглерод диоксид за цел еден тон!
За кратки патувања препорачуваме одење пешки или возење велосипед – ова ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје и да го намалите јаглеродот. Возење 1,5 км велосипед наместо автомобил = 290 g CO2eq помалку во воздухот, наведуваат од Град Скопје.
Возењето велосипед, исто така, посочуваат, може да биде забавна и социјална активност со ниска употреба на јаглерод, за да истражите нови места доколку вежбате. Тоа е одлично за вашето здравје, го намалува загадувањето на воздухот и сообраќајот и ви заштедува пари, порачуваат од Град Скопје.
МИА