еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Народна банка: Што треба да знаете за крипто-валутите и вложувањето во нив

Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки, информираат од таму.

„Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.

Денес, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста,“ информираат од таму.

Од Народна банка велат дека како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата.

„Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем,“ се додава во соопштението.

–  Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот.

– Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.

– Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.

– Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од  исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока).

Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.

– При вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки.

Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.

– Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.

–  Вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства.

„Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.

Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво,“ дополнуваат од Народна банка.

Фото: Photo by Clifford Photography on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Во новата влада влегува и Сашо Мијалков како министер за правда“: Твитер реакции за предлогот на Заев за заедничка влада со ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Во банки и штедилници ќе може и со пасош и потврда од МВР дека е поднесено барање за лична карта

Редакција

Корупција и во Европскиот парламент: Уапсени четири лица, меѓу кои и поранешен европратеник

Редакција