еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ

Нема интеграција во ЕУ без решавање на Ромското прашање

Суад Скендери, програмски менаџер во Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

Автор: Суад Скендери, програмски менаџер во Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

Република Северна Македонија е се поблиску до отворање на преговори со Европска Унија. Европската Комисија според вчерашните извештаи за напредок ја оцени државата како една од најуспешните во регионот на Западен Балкан.

Според извештајот за Република Северна Македонија, државата има напредок од 3.11 бодови или добро ниво на подготвеност, за разлика од претходната година во која што имаше 3.06 бодови.

Европската Комисија бележи напредок во борбата против корупција, трговски друштва, земјоделство и образование, додека пак помал напредок е забележан во јавна администрација, слобода на изразување (слобода на медиуми), пазарна економија, финансиски услуги, трансевропски мрежи, финансиски и буџетски одредби. Исто ниво на напредок е забележан во останатите делови како што се избори, собрание, владеење, граѓанско општество, правосудство, фундаментални права, правда, слобода, безбедност и поглавјата поврзани со европското законодавство.

Според заклучоците, државата исто така има напредок во клучните области како што се реформа во правосудството, борба против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација. Во целост, вчерашниот извештај за напредок, уште еднаш потврди дека државата е во добар правец кон одржување на првата меѓувладина конференција во која официјално преговорите ќе започнат.

Еден од аспектите на кој Република Северна Македонија заборава во текот на реформирањето на системот е ромското прашање. Ромското прашање во процесот на интеграција не е прашање кое се решава само во Поглавјето 23, не претставува прашање на маргинализирана група, ниту прашање на сиромаштија или социјална инклузија. Ромското прашање е политичко прашање кое е составен дел од преговорите и политиката на Европската Унија.

За ваквиот став неколку години наназад укажува заложбата на унијата за вклучување на Ромите во општествените процеси преку извештаите за напредок, семинарите за Роми организирани од страна на Европската Комисија, декларацијата од Познан и најважно од се, Копенхашките критериуми кои се aquis, односно еден од деловите на политичките критериуми е почитување и заштита на малцинствата во државата како предуслов за влез во Европската Унија.

Извештајот за напредок на државата во 2020 година го спомнува 35 пати зборот „Ром/ски“ во споредба со 2019 година каде што зборот се спомнува 38 пати, а во 2018 година 30 пати. Сепак овој податок не гарантира дека спомнувањето на зборот „Ром/ски“ претставува напредок во однос на ситуацијата на Ромите во државата, но го задржува интересот во агендата на реформите и посочува за препораките коишто државата треба да ги преземе.

Резултатите од извештајот за 2020 година поврзан со ромската заедница во државата се незадоволителни. Според извештаите за напредок, Европската Комисија нотира дека напредокот во однос на ромската заедница е во застој. Извештаите од 2018, 2019 и најновиот од 2020, во делот на Поглавје 23 посочуваат дека напорите за вклучување на Ромите не се доволно добри, односно, во 2018 година во извештајот се бележи

Уште многу треба да се направи за вклучување на Ромите. Спроведувањето на стратегијата за вклучување на Ромите (2014-2020) и соодветните акциони планови за образование, вработување, здравство, домување и жени Ромки се слаби“

Истото во други зборови е забележано и во извештајот за напредок во 2019 година, каде што се нотира

„Спроведувањето на стратегијата за вклучување на Ромите (2014-2020) и соодветните акциони планови за образование, вработување, домување, родови прашања и здравје е постепено и треба уште многу да се направи за вклучување на Ромите“

Континуираната забелешка за не доволната посветеност од страна на Владата на Република Северна Македонија за спроведување на политики за вклучување на Ромите се забележува и во 2020 година:

„Вклучувањето на Ромите добива поголемо внимание и од националните и од локалните власти, иако треба уште многу да се направи. Спроведувањето на политиките за вклучување на Ромите е бавно и нема доволно капацитет за имплементација, координација и следење.“

Покрај овие забелешки од извештаите за напредок коишто укажуваат дека државата не доволно посветува внимание на ситуацијата на Ромите во државата, исто така бележи и дека заклучоците од семинарите за Роми не се спроведуваат. Во 2018 година во извештајот за напредок Европската комисија нотира

„Сетот на приоритетни активности идентификувани на семинарот за Роми во ноември 2017 година, се делумно адресирани со нејасни одговорности за следење и известување.“

Истото се бележи и во извештајот за напредок за 2020 година, каде што покрај оперативните заклучоци од 2019 година, се споменува и декларацијата од Познан како документи од висока важност, а не се спроведуваат.

„Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на Процесот за проширување на ЕУ (Декларација за Познан) беше одобрена од владата, но не се преземени чекори за нејзино спроведување. Заклучоците за семинарот за Ромите во 2019 година допрва ќе се спроведуваат.“

Покрај овие забелешки, извештајот за напредок исто така ги нотира и препораките во областите на вработувањето, здравството, домувањето, дискриминацијата, образованието и сиромаштијата на Ромите. Ваквите забелешки се повторуваат во последните три години покрај позитивните сигнали од Европската Унија.

Владата во следиот период ќе мора да се фокусира на ситуацијата на Ромите и нивното прашање во државата ако е сериозен кандидат за преговори со Европската Унија. Доколку овие отворени прашања, заклучоци и препораки не се спроведат, државата ќе има долг процес на преговори затоа што Копенхашките критериуми мора да бидат спроведени како предуслов за сите држави кандидати за интеграција.

Покрај тоа, Влaдата исто така во следниот период ќе мора да се фокусира на системските решенија за прашањата на Ромите, затоа што во долг рок, овие прашања неможат да бидат решени со проектни активности.

И на крај, за целосна инклузија на Ромите, Владата ќе мора да ги вклучи Ромите во преговарачката структура, затоа што Европската Унија очекува Ромите да бидат дел од општествените текови на државата, а воедно и одлуката на Влада гарантира правична застапеност во преговарачката структура.

Се разбира, останува на Владата да одлучи каков пристап ќе употреби во иднина, но Ромите постојат, Ромите живеат во Република Северна Македонија и се дел од Европската Унија.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За сега единствен „виновен“ за бегството на Груевски е Орбан, наскоро ќе биде и Путин

Редакција

Ребаланс од немајкаде: Популизам а ла ВМРО-ДПМНЕ наместо капитални инвестиции

Редакција

Отварањето на училиштата носи голем ризик: Кој ќе одговара ако пламне корона вирусот?

Редакција