еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Отварањето на училиштата носи голем ризик: Кој ќе одговара ако пламне корона вирусот?

Голема дебата се води деновиве во јавноста околу почетокот на учебната година односно прашањето дали учениците треба да се вратат на настава во училиштата или да продолжат со онлајн настава.

Мислењата меѓу родителите и стручните лица се поделени односно едните се против физичко присуство на настава со образложение дека тоа ќе го загрози здравјето на децата. Другите поддржуваат враќање на училиште со тврдење дека тоа е важно за квалитетот на образованието, како и дека сега децата се дружат, па тоа не довело до поголем број заразени.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека има предлог-план како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември.

Тој треба да се финализира во наредната недела, да помине на седница на Влада и да биде соопштен во јавноста. Планот содржи протоколи за сите модели на настава –  присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период.

Онлајн-анкетата на МОН, која беше објавена вчера покажува дека околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември. Околу третина од родителите, директорите и наставниците се за комбиниран пристап во настава на далечина (комбинирање на одделенија или денови во неделата).

Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите.

За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина  се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.

Повеќе од половина од директорите сметаат дека нивното училиште има услови за одржување безбедна физичка дистанца, а 94 проценти од нив сметаат дека нивното училиште има услови за одржување на мерките за хигиена.

Онлајн-анкетата била спроведена во јуни и јули и опфатила  околу 10 000 испитаници  (210 директори на училишта, 6400 наставници и 3400 родители).

Анкетите се можеби добар начин да се опипа мислењето за почетокот на учебната година, но мора да се земе предвид дека резултатите никако не смеат да бидат одлучувачки за начинот на кој ќе се спроведува наставата од 1 септември.

Најбитно од се е надлежните да одговорат дали можат да гарантираат дека во училиштата и во училишните дворови ќе се спроведуваат протоколите и уште поважно дали може да гарантираат дека почетокот на наставата нема да доведе до разгорување на корона вирусот меѓу најмладите.

Ако се земат предвид досегашните искуства на непочитување на протоколите преполните плажи и кафани и недостигот на капацитет на надлежните да го принудат населението да се придржува кон правилата за заштита, јасно е дека тоа уште помалку ќе можат да го сторат меѓу децата.

Затоа наместо да се кријат зад анкети и мислења на родители и директори, надлежните јасно треба да кажат кој ќе понесе одговорност ако пламне корона вирусот од 1 септември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонци неможат да се вратат од Авганистан

Редакција

Првиот контејнер со контаминирана земја од ОХИС замина за Германија

Редакција

МВР со детали за пожарот на влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“

Редакција