еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Нема напредок во борбата со корупцијата и во правосудството, констатира ЕК во извештајот за Македонија

Европската комисија (ЕК) денеска го објави извештајот за напредокот на Македонија, во кој е констатирано дека нема никаков напредок во клучните области во првиот кластер од преговорите – правосудството, борбата против корупција, реформата на јавната администрација и демократски институции.

За лошите оценки во делот на правосудството и борбата против корупцијата големо влијание имале контроверзните измени на Кривичниот законик, поради кои деновиве застареа голем број предмети во кои пред се инволвирани функционери, како и работењето на Судскиот совет.

„Нема напредок во судството минатата година. Судскиот систем останува на одредено и умерено ниво на подготовка. Судскиот советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание.

Загриженост за несоодветно политички влијание предизвика контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет. Има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите,“ пишува меѓудругото во извештајот за правосудството.

Во делот на корупцијата, како што стои во извештајот, „земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во превенцијата и борба против корупцијата“, а од ЕК посочуваат дека прашање е загрижувачко поради тоа што корупцијата останува распространета во многу области.

„Кривичниот закон беше изменет во брза собраниска процедура. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што влијаше на застарување, запирање, па дури и прекинување на голем број на случаи на корупција на високо ниво, вклучително и на случаи од поранешното Специјално јавно Обвинителство (СЈО).

Измените, исто така, ја попречуваат способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела. Ова е прашање на сериозна загриженост,“ стои во извештајот во кој меѓудругото се бара и да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на Државната комисија за спречување корупција, да и се дадат дополнително пари и таму да се вработат експерти.

Извештајот отценува дека делумен напредок има само во делот на економските критериуми, а во истиот се нотира и злоупотребата на европското знаменце.

Критики има и за доцнењето на реформите на јавната администрација и неисполнетите обврски од лани, како и за работата на Собранието, неусвоениот собраниски деловник и измените на Изборниот законик.

Владата е пофалена за посветеноста на процесот на интеграциите и усогласеноста со надворешната политика со ЕУ, а опозицијата е критикувана за опструкциите во Собранието.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поддршка од Кипар за европската перспектива на Македонија

Редакција

Западен Балкан еден од приоритетите во надворешната политика на Бајден

Редакција

До недела сончево и студено, од понеделник пораст на температурите

Редакција