Наводното шпионирање во Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова е во фокусот на јавноста, а од декември лани предистрага за тоа води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), предводено од Ислам Абази.
Предистрагата е отворена по анонимна кривична пријава испратена до ОЈО ГОКК од вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР).
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали некој во Кабинетот на Сиљановска Давкова ја шпионира за странски разузнавачки служби?
Според премиерот Христија Мицкоски немало шпионирање, а како што изјави денеска станува збор за „шпионски талог“ заостанат во институциите од времето на некои претходни премиери и претседатели, а Абази ширел паника.
-Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства.
Се разбира, тука е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари, бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме, рече тој.
Од ОЈО ГОКК пак се пожалија дека предистрагата се развлекува оти од МВР сѐ уште не добиле извештај дали наводно украдените податоци се декодирани и дека сè уште не можат да обезбедат копии од снимките од безбедносните камери во претседателскиот и пред претседателскиот Кабинет, иако ги барале и кај претседателката и од владината Служба за општи и заеднички работи, за да се докаже точно кој наводно преснимувал и извлекувал доверливи информации од компјутерскиот систем.
Фото: Кабинет на претседателката














