Во врска со преговорите со Бугарија и за содржината на нонпејперот и разговорите на специјалниот претставник на Северна Македонија, Владо Бучковски во комуникацијата со Софија, премиерот Зоран Заев подвлече дека со бугарската страна постојано се разменуваат идеи за надминување на пречките.
„Тоа се размена на идеи коишто постојано ги даваме, и ќе продолжиме да ги даваме се додека не ги надминеме проблемите и пречките коишто од страна на Бугарија се испречија на нашата европска интеграција.
Тука е Акциониот план којшто е изработен заедно министерот за надворешни работи, со потпретседателот на Владата за европски прашања, и со Канцеларијата на претседателот на Владата како дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија“, рече премиерот Заев.
Тој повтори дека дел од Додговорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е меѓусебно, реципрочно немешање во внатрешните работи на двете земји, вклучително и малцинските права, бидејќи тоа е меѓународно уредено и кај нас и во Бугарија и сите земји кои се членки во НАТО и Европската Унија, ООН.
Премиерот Заев јавно испрати порака дека ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во работи кои се однесуваат на граѓани на туѓа држава.
„И од тој аспект, потврдуваме дека скратеното име Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и однесува на актуелните политички и географските граници и меѓународно прифатеното име на земјата.
Немаме територијални претензии. Тоа го докажавме и според стандардите на НАТО со понудата Бугарија да биде уште еден заштитник на македонското небо“, подвлече премиерот Заев.
Фото: Влада