еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Никој не може да даде гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање, кажа Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците

Потребна ни е кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Зборувајќи за комплексот на прашања поврзани со нашите европски интеграции кои конечно ги отворивме по долги седумнаесет години чекање, Пендаровски порача дека пратениците треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.

–  Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, изјави Пендаровски.

Нашата обврска за промена на Уставот, Пендаровски нагласи, дека не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност“ која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.

–  Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап, кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент, порача Пендаровски.

Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, како што нагласи, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските.

–  Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници, потсети Пендаровски.

За прашањето дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори, претседателот Пендаровски го посочи како пример тоа што Бугарија и Романија,кои се членки на Унијата петнаесет години, неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната.

–  Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски, изјави Пендаровски.

Затоа, според Пендаровски ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани.

–  Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат – резултати, порача претседателот Пендарвоски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Власта, според Пендаровски, мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но, и од опозицијата.

Таков предлог, според него, треба да дојде, од најмалку две причини: прво, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и второ, ако не го собереме сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

НАТО пресретнал најмалку три терористички напади кон Македонија, откри Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците

Апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин, рече Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прв пат во Брисел годината завршува без заклучоци за проширувањето на ЕУ, поради блокадата на Чешка и Словачка

Редакција

(Фото) Кајакарење пред Владата

Редакција

Пратениците од опозицијата бараат оставките на Филипче и Хасани да бидат доставени од Владата

Редакција