еМагазин
Image default
Техно ТОП СТОРИИ

Објавен официјалниот трејлер за првата 3Д-анимирана серија на македонското студио „Ви хаус“

„Агент 203“ е првата 3Д-анимирана серија на македонското студио „Ви хаус анимејшн“ (V house Animation), во целост осмислена и реализирана од домашни креативци – од идеја, дизајн и моделирање на карактери, текстурирање, до режија.

Наменета е за возраст од 7+ години и ќе биде пласирана на светскиот пазар.

„Ви хаус“ денеска го објави официјалниот трејлер, додека почетокот на емитувањето се планира за пролетта 2023 година.

Серијата се состои од 26 епизоди, секоја во траење од 22 минути. Главен лик во приказната е девојчето Зои, интергалактички вселенски агент, кое заедно со нејзиниот партнер, вонземјанинот Улав, и најдобрите пријатели, се бори со негативците од вселената. Главниот негативец се вика Гор и неговата мисија е да ја украде магичната алка на Зои, што ја добила во аманет од татко ѝ, кој исто така бил интергалактички агент. Тој исчезнал во акција.

Ко-креатор и режисер на серијата е Дамјан Митревски. Покрај „Ви хаус“, копродуценти на проектот се „Тун ту танго“ (Toon2Tango), ТВ Мондо, Супер РТЛ и GmbH & Co. KG. Како соработници, на серијата се јавуваат и „Космос анимејшн“ (Cosmos Animation).

Ќе се емитува на Супер РТЛ, а за натамошната дистрибуција дополнително ќе се разговара.

Од „Ви хаус“ велат дека се планира и македонска нахсинхронизација, со цел да може да ја види и домашната публика.

– Горди сме на тимот неверојатни професионалци што работи на „Агент 203“. Оваа серија е уште една потврда дека во нашата земја имаме таленти и квалитетни професионалци кои може да понудат производ со светски квалитет.

Сакаме да ги охрабриме младите да се насочат кон оваа релативно млада индустрија, со многу потенцијал, велат од „Ви хаус“ и додаваат дека со возбуда го исчекуваат почетокот на емитувањето на серијата.

„В хаус анимејшн“ во своето портфолио има голем број проекти работени во соработка со светски познати продуцентски куќи, меѓу кои и „Пајни, осамената елка“ (Piney: The Lonesome Pine), „Тарзан и Џејн“ (Tarzan & Jane), „Елена од Авалор“ (Elena of Avalor), „Челичниот Макс“ (Max Steel) и други.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лекарска комора го осуди инцидентот во болницата во Тетово, итно ќе се испита случајот

Редакција

Убава вест: 1.059 оздравени од Ковид-19

Редакција

80,7 од починатите од Ковид-19 со претходни заболувања, најчесто кардиоваскуларна болест

Редакција