Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка, само еден ден откако новоименуваниот државен јавен обвинител Ненад Савески донесе одлука таа да биде изземена од предметите Талир 1 и Талир 2, поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Советот на јавни обвинители едногласно ја одби нејзината иницијатива во која тврдеше дека врз нејзината самостојност имало надворешни влијанија и притисоци, особено поради нејзиното постапување во предмети против ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска како притисоци ги наведе изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, како и партиските соопштенија.
Обрзложението на Ристоска за оставката, го пренесуваме во целост:
„Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните.
Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи.
Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели – такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични.
Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети.
Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.
Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните.
Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза.
Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното Обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.
Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција.
Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да делувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител.
Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба.“
По повод оставката на Ристеска, се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека „Ристоска зборува за ослабување на институции, но токму таа беше дел од тоа и ваквото однесување со условување на сопствениот ангажман со функција е суштинскиот проблем, кој со години ја уништува довербата во правосудниот систем.“
„Наместо континуитет и професионализам, сведочиме на селективна принципиелност, каде во изјавата на Ристоска се вели дека институциите се добри кога одлуките се во наша корист, а лоши кога не се.
Особено е индикативно што одлуките кои ги критикува, доааѓаат во момент кога конечно се воспоставува ред и се применува правото, без привилегирани толкувања од тесен круг на поединци кои со години се обидуваа да го монополизираат јавниот интерес,“ се вели меѓу друго во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Ненад Савески, новиот државен јавен обвинител
Фото: ТВ24














