Од Уставниот суд денеска повторно упатија апел до Собранието да се изберат тројца судии, со цел Судот непречено да функционира како што е предвидено со Уставот.
-Останува апелот до Собранието и до Судскиот совет, кој треба да предложи еден од судиите, тоа да го сторат што побрзо, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.
Таа потсети дека од 7 декември минатата година Судот функционира со шест од предвидени девет судии поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.
-За да се донесе одлука на Судот потребни се најмалку пет гласа „за“.Судот е колективно тело, каде секој судија има право на свое мислење кое може да биде различно од она што го кажуваат неговте колеги.
Тоа значи дека многу често се соочуваме со ситуација предлозите да не добиваат мнозинство затоа што на пример се случува тројца судии да гласаат„за“, додека тројца да не се согласуваат со тој предлог, или четворица го поддржуваат предлогот, а двајца се против, појасни Беловска.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.
Судиите ги избира Собранието за време од девет години без право на повторен избор.
Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.
МИА/Фото: Уставен суд