На кеј „Македонија“ спроти хотелот „Палас“ од 8 до 10 септември ќе се одржи „Охридски фестивал на виното“.
Покрај штандовите со квалитетно вино од македонските винарии, Општина Охрид соопшти дека за забава ќе бидат задолжени охридските бендови „Камелеон“ и „Бекдор бенд“, а свој настап ќе има и Ѓоко Танески. На Фестивалот ќе настапат и Дј Винофест, Фолтин, Александар Јосифовски, Ареа, Наум Петрески, Нина Јанева и Суперхикс.
Целта на настанот, според градоначалникот Кирил Пецаков, е продожување на летната туристичка сезона.
– Идејата ни е преку вакви манифестации и настани да придонесеме кон привлекување гости и во овој период од годината. Годинава, дополнително Фестивалот се поклопува со Охридскиот пливачи маратон и со тоа ќе имаме еден убав и би можел да речам продолжен викенд во Охрид. Охриѓани и гостите заслужуваат да имаат вакви културни манифеста, изјави Пецаков за МИА.
Покрај Фестивалот на виното, истиот викенд треба да се одржи и традиционалниот Охридски пливачки маратон, на патеката „Климе Савин“, од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во должина од 30 километри.
МИА