Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола денеска го привеле Л.А.(34) од Битола, осомничен за потпалувањето на влезната врата на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 4 јуни, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Повеќе медиуми повикувајќи се на МВР јавија дека станува збор за пејачот Ламбе Алабаковски.
– По преземени мерки и активности за откривање на сторителот и обезбедување докази во врска со случајот со пожарот на културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, со наредба од Основен суд Битола, извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, соопштија денеска од МВР.
Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.288 ст.1 од Кривичниот законик.
Фото: Фејсбук/Алабаковски