Советот за безбедност на денешниот состанок донесе нова одлука со која на предлог на Владата се прогласува вонредна состојба за уште 30 дена.
„Постојната вонредна состојба завршува денеска, а поради истекот на рокот од 30 дена за кој беше утврдена, и нема да биде формално правно продолжена, бидејќи за тоа нема уставно-правен основ.
Затоа јас денеска врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење на вонредна ситуација за период од 30 дена на целата теритоерија на државата.
Но, ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање затоа што на средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми пред себе“, изјава претседателот Стево Пендаровскки во обраќањето по седницата на Советот.
Тој ги пренесе и реакциите на многу граѓани до него во однос на мерката за ограничување на движењето со над 80 часа, практично целосна забрана за движење на целата територија што се предвидува за празникот.
„Ние во моментов спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки во оваа смисла во Европа. Не само мене, но и на огромниот број граѓани им е јасна логиката и оправданоста за донесување на оваа мерка, но најдрастичните мерки треба да се применуваат по исклучок и во некој разумен рок“, рече Пендаровски, посочувајќи оти се повеќе од тоа ќе биде контрапродуктивна и може ќе ги реши проблемите во здравството, но ќе предизвика проблеми во некои други области.
Ваков ист став Пендаровски има и за затворањето на стопанските субјекти и ја охрабри Владата по празникот да го дефинира планот за фазно постепено враќање на економската активност во нормала.
„Јасно е дека не само ние, туку целиот свет ќе мора да научи да живее со вирусот подолг временски период, а во меѓувреме ќе мора да изнајдеме модалитети, животот со сите неопходни рестрикции и превентивни мерки да продолжи да функционира“, рече Пендаровски, додавајќи дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе заседава кога за тоа ќе се јави потреба.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во самоизолација оди премиерот Оливер Спасовски
Филипче: Од денеска ќе бидам во домашна изолација
Османи оди во самоизолација, и покрај проценката на епидемиолозите дека бил заштитен
Самоизолација и за министерот за образование Арбер Адеми