Владата достави до Собранието предлог измени на Кривичниот законик (КЗ), со кој се намалуваат казните за службените лица за делата „Злоупотреба на службената дејност и овластување“ и “Злосторничко здружување“, а истите се веќе на дневен ред во Собранието, со европско знаменце, што значи по скратена постапка.
Што се менува?
Во член 353, кој се однесува на делото „Злоупотреба на службената дејност и овластување“ во став 3 од актуелниот КЗ стои дека ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
Со предложените измени се предвидува сторителот да се казни со казна затвор од една до четири години. Се воведува и горна граница, од која се пресметува застареноста, а во актуелното законско решение нема таква граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку три години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години.
Се предлага да се избрише и ставот 5 од членот 353 кој предвидува затворска казна од најмалку пет години затвор за злоупотреба на служебната положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. Во овој член се предлага да се вметне став за одземање на прибавената имотна корист.
Во членот 353-в за делото „Несовесно работење во службата“ во актуелниот КЗ минималната казна е три години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист. Сега се предлага намалување за шест месеци, а максимална казна да биде до пет години.
За “Злосторничко здружување“, членот 394, став 1, актуелниот КЗ предвидува дека „тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до 10 години“. Со предложените законски измени се предвидува дека пропишана санкција до 10 години се намалува на најмногу три години.
Освен за лидерот, се предлага намалување на казните и за членовите на групата или бандата кои ќе извршат кривично дело од максималната казна затвор до пет години, се предлага намалување на максимални две години.
Фото: Унсплеш