Со голема болка и огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на актерката Љупка Арсова Џундева (1934-2018), тивката дама на македонското актерство, соопштија од Македонски народен театар.
Комеморацијата за актерката Љупка Арсова Џундева ќе се одржи на 11 декември (вторник), во 12 часот, на големата сцена во НУ Македонски народен театар.
„Љупка Арсова Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.
Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот.
„Ние сме многу малку гости на овој свет“, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“.
Џундева беше една од највредните актерки на која се потпираше голем дел од работата во театарот, а нејзините колеги ја сметаа за одговорна, сериозна, трудољубива, посветена, исполнителна, прецизна, срдечна, кооперативна и секогаш подготвена да ја прифати секоја актерска задача. Таа ја освојуваше публиката со својата светла озраченост, со сензуалниот глас и со прекрасната појава во целина. Припаѓа на генерацијата во која што работи со Вукан Диневски, Самоил Дуковски, Милица Стојанова, Кирчо Божинов, Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Драги Костовски.
Првиот вистински настап го има во пиесата „Нажалена фамилија“ (1951) во режија на Петре Прличко со улогата на Даница, потоа следат повеќе од 80 реализирани улоги меѓу кои: Анка во „Госпоѓа министерка“ (1953), Дивна во „Пепелашка“ (1953), Амелија во „Домот на Бернарда Алба“ (1956), Славка во „Д-р“ (1957), Стојанка во „Чорбаџи Теодос“ (1957), Маргот во „Дневникот на Ана Франк“ (1958), Силвија во „Игра на љубовта и случајот“ (1959), Коломба во „Волпоне“ (1961), Свршеничката во „Крвави свадби“ (1962), Коломба во „Коломба“ (1965), Ирина во „Матурска вечер“ (1966), Фосфорната жена во „Бања“, (1968), Розаура во „Венецијански близнаци“ (1968), Наталија Ивановна во „Три сестри“ (1970), Доилка во „Фарса за храбриот Науме“ (1971), Оливера Срезоска во „Ѕидот, водата“ (1973), Павлина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Ана Шукова во „Кенгурски скок“ (1979), Магда во „Габи“ (1982), Занаида во „Иванов“ (1984), Саветка во „Антица“ (1988), Аркадина во „Галеб“ (1990), Де Резмонд „Опасни врски“ (2002) и Марина во „Вујко Вања“ (2015).
На филмското платно учествува во првиот македонски филм „Фросина“ (1952), а има остварено главни улоги во „Мирно лето“ (1961) и „Време живот“ (1999), „Златната петорка“ (2016) и споредни улоги во „Македонска крвава свадба“ (1967), „Оловна бригада“ (1980) и „Џипси меџик“ (1997). Игра и во ТВ филмовите „Пустина“ (1967), „Стотиот чекор“ (1968), „Лудиот и калуѓерицата“ (1968), „Свеќник“ (1969), „Итрата вдовица“ (1969), „Слики на дрво“ (1970), „Балада за орканата“ (1970), „Пречек“ (1971), „Делба“ (1971), „Двојка“ (1970), „Светлини и бои“ (1997), „Мулти левел“ (2000), „Мост“ (2006) и ТВ сериите „Волшебниот воз“ (1969), „Волшебното самарче“ (1975), „Трето доба“ (1987), „Погрешно време“ (2000), „Наше маало“ (1999-2004).
За својот обемен актерски ангажман Љупка Џундева има добиено голем број на награди и признанија меѓу кои и наградата на Град Скопје „13 Ноември“ (1983), наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2000), наградата „11 Октомври“ за животно дело (2000), награда за артистичко остварување доделено од Југословенската радио телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец. Џундева е првиот лауреат на јубилејното 10-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, добитник на почесното признание на „Астерфест“ и Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност“, се вели во соопштението.