еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Покрената истрага против 12 полициски службеници од ГП „Табановце“, за шестмина одреден притвор

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 полициски службеници кои извршувале инкриминирани дејствија со коруптивни елементи на граничниот премин „Табановце“, од кои за шестмина, по барање на ОЈО ГОКК, судии на претходна постапка донесоа решенија за притвор.

Од ЈО велат дека постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи против 12 лица, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, врз основа на расположливите докази донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Злосторничко здружување“ и како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Примање поткуп“, додека останатите пријавени лица се осомничени дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Во текот на вчерашниот ден предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје доставил и предлог за изрекување на мерката притвор за четворица осомничени, мерка притвор во траење од 8 дена за две лица, додека, за останатите за кои се води скратена постапка предложи мерки за обезбедување на присуство. Судиите на претходна постапка ги прифатија предлозите.

„По нивно произнесување во однос на предлозите, а во присуство на бранител, судиите на претходна постапка донесоа решенија со кои ги прифатија предлозите на ОЈО ГОКК и на Д.К., В.Ф. и И.Н. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, на Х.К. му определи мерка куќен притвор, на А.С. и М.Ј., за кои се води скратена постапка, прифатен е предлогот на обвинителот и им е определена мерка притвор во траење од 8 дена, за Ј.Н., Н.П. и А.А. прифатен е предлогот на обвинителот и определени се мерки за претпазливост,“ стои во соопштението од Основен кривичен суд – Скопје.

Од Јавното обвинителство информираат дека по повеќемесечна предистражна постапка, врз основа на сознанија дека на ГП „Табановце“ група полициски службеници на организиран начин извршуваат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи, под раководство на предметниот јавен обвинител, била спроведена полициска акција.

„Во акцијата, се извршени претреси на 27 полициски службеници, како и претреси во службените простории на ГП „Табановце“ и домовите на дел од пријавените и притоа се приведени девет полициски службеници,“ се наведува во соопштението од ЈО.

Според постапката, на почетокот на 2020 година, осомничените – командир на ПС за гранични проверки, двајца виши полицајци во истата ПС и еден полициски службеник, опфатени во Наредбата за истражна постапка, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, создале група со цел да вршат кривични дела „Примање поткуп“ од член 357 и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од КЗ за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.

„Првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата.

Тројцата како полициски службеници кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10, 20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат – да пропуштат возила што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ.

Така, од почетокот на 2020 година сѐ до 25.12.2022 година во повеќе наврати примиле поткуп, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра,“ се вели во соопштението.

Од ОЈ дополнуваат дека на 25 декември при спроведените претреси кај осомничените се пронајдени предмети, подароци и поголема сума на пари за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од извршените кривични дела за кои се осомничени.

„Па така, кај четвртоосомничениот пронајдени се 15.795 евра во банкноти во апоени од по 5 евра, 10 евра и 20 евра и 30 швајцарски франци, додека кај првоосомничениот се пронајдени 210.000 денари во апоени од по 1.000 и 2.000 денари.

Воедно, во зградата на ГП „Табановце“ во просторијата – кујна во метален сад сместен во висечки орман пронајдени се 420 евра и 20 франци што осомничените ги сокриле како пари примени тој ден како поткуп,“ велат од ЈО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Видео од апсењата на ГП „Табановце“, 12 полициски службеници заработија кривични

Приведени девет лица во акција на ГП „Табановце“, меѓу кои и командир и заменик командирот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Црна“ ковид-статистика за Штип: Петмина на возраст од 48 до 79 години го загубија животот од Ковид-19

Редакција

(Фото) Еден од најпознатите италијански дизајнери, Додо Арслан ќе одржи мастерклас посветен на италијанскиот дизајн

Редакција

Нови 222 случаи со Ковид-19, осум починати и 268 оздравени пациенти

Редакција