еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Поради измени во тендерската документација продолжен рокот за понуди на повикот за субвенционирани летови

До 26 јануари напладне е продолжен рокот за доставување понуди на тендерот за субвенции за нови авиолинии, којшто според првичната објава требаше да трае до задутре во 12 часот.

Од Министерството за транспорт и врски за МИА изјавија дека рокот е продолжен поради измени во тендерската документација, каде во критериумите за учество нема да се бара позитивен биланс за 2020 и 2021 година поради ковид кризата.

Остануваат критериумите за превезени 10 милиони патници и најмалку 25 милиони евра профит во 2019 година.

Заинтересираните авиокомпании за учество на повикот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ,  како и да достават изјава заверена на нотар за дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите.

Повикот, објавен на 20 декември лани, за субвенционирање нови авиолинии од двата аеродрома во земјава, Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, се однесува на периодот од 2023 до крајот на 2025 година.

-Овој јавен повик е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании. Воедно, повикот е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска Унија, соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на прес-конференција за повикот.

Според повикот, финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба.

Се предвидува да се доделува финансиска поддршка од седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

Согласно јавниот повик за годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска подршка за нови авиолинии.

Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ заврши на 1 март минатата година.

Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а во 2022 година немаше исплата по тој основ.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитер го „подбра“ Шилегов за трамвајот: „Скопје е болно од рак, наместо да го лекува тој ќе му става силикони“

Редакција

Џебна брошура „Записи за Кораб“: Промовирани убавините на планината, неоткриени врвови, езера, водопади

Редакција

ГТЦ склучи договор со ЕЛЕМ Трејд вреден 767,4 илјади евра

Редакција