еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Поради недоволна информираност и знаење, компаниите не излегуваат на Македонската берза

Малата информираност и знаењето за функционирањето на берзата и за користењето на хартиите од вредност, како и последиците од здравствената, енергетската и економската криза се основните причини за неизлегувањето на македонските компании на берзата, е главниот заклучок на тркалезната маса што ја организираше Македонска берза.

Сепак, учесниците на трибината посочија дека е идеално да се вклучи пазарот на капитал во финансирањето на македонските компании.

Нина Ангеловска, директор за меѓународен развој на онлајн платформата „Ananas E-commerce“, порача дека е потребно да се работи на едукација и информираност на фирмите за придобивките од берзата. Како што кажа, само 1.800 компании во земјава инвестирале на ова поле.

-Кај нас не се излегува на берзата или од многу знаење што ги очекува таму или од многу незнаење. Перцепциите се ако се продава фирма дека не и оди, затоа мора многу и на тоа да работиме. Прашање е и дали има добра понуда, бидејќи сме многу мал пазар, рече Ангеловска.

Според неа, неопходни се две до три години за да видиме успешна приказна, бидејќи сме многу мал пазар и прво тоа треба да го направат поголемите компании, а потоа помалите.

-Неопходно е за тоа да има поголема интеграција во регионот, а со тоа да се зголеми пазарот, рече Ангеловска.

Основачот и управител на Специјал – Продукт ДООЕЛ Скопје, Горан Ѓорѓиевски смета дека во изминатите две години значајно биле намалени приходите на компаниите, а со тоа и нивната профитаблиност што предизвикало воопшто да не се помислува на издавање на акции.

-Во сегашната енергетска криза прашање број еден е ликвидноста на компаниите и задолженоста со кредитите. Сите овие фактори влијаат да нема интерес за излегување на берза. Секоја добра компанија е свесна за тргувањето со акции и хартии од вредност за да апсорбира свежи финансии, но сега не е вистинскиот моментум.

По закрепнувањето од кризата сигурен сум дека многу компании ќе бидат заинтересирани да влезат во овие процеси и да ги добијат придобивките. Затоа е значајно да се работи на подигање на свесноста преку коморите и слично, рече Ѓорѓиевски.

Порача дека клучно за неизлегувањето на фирмите на берзата е непознавањето на придобивките од издавањето на акциите, неволноста од пренос на сопственост и мешањето во оперативните работи, како и недоволната запознаеност со процесот на издавање на акции.

-Откако ќе се скрши мразот и откако неколку компании ќе почнат со тоа мислам дека ќе оди на подобро. Успешна корпоративна приказна за излегување на берза сигурен сум дека ќе се случи по завршувањето на тмурните времиња со кризи.

Во времиња на тешки кризи секоја компанија на некој начин е обезвреднета. Многу е легитимно да собирате финансии од надвор и да ги вбризгате во компанијата, рече Ѓорѓиевски и посочи дека „Специјал“ планира тоа да го направи за три до четири години.

Горан Антевски, генерален менаџер на Раде Кончар-ТЕП ДООЕЛ Скопје истакна дека само 62.000 физички лица во земјава се акционери и вложуваат на берза. Тоа, како што рече, е многу малку и покажува дека луѓето не се запознаени со можноста да го зголемат нивниот капитал. Смета дека фирмите не се доволно транспарентни и тоа, како што посочи, ги одбива луѓето да инвестираат финансиски средства во нив.

-Токму таму треба да се насочат напорите за подобрување на вложувањето, а компаниите треба да бидат свесни дека со поголема транспарентност ќе имаат можност за поголем развој. Заклучивме дека се уште е рано за нашата компанија да излезе на IPO заради се уште многу ниската побарувачка. Ако сега излеземе на берзата понудата ќе биде многу ниска. Би сакале да видиме странски инвеститори од кои би можеле да добиеме нови идеи, рече Антевски.

Се надева, како што рече, дека набрзо ќе се најде начин и можност некоја компанија да излезе на берзата за да влезе свеж капитал во неа.

– IPO трае подолго време и затоа компаниите полесно се одлучуваат за кредите. Не очекувам излегувањето на берзата да се случи за две до три години. Кончар размислува да излезе на берзата, многу е позитивно да се влезе во IPO, но како компанија во последните три години имаме добар раст кој се  уште не е истрошен и ќе имаме раст уште наредните три години. На берза ќе одиме за три до четири години, посочи Антевски.

Генералниот директор на Реплек АД Скопје, Душан Пецовски има впечаток дека пазарната економија или плурализмот не затекнаа како општество и дека не бевме доволно подготвени за тоа.

-Ни недостасува култура и навика за инвестирање, но и едукација на неповрзани луѓе од секторот за тоа што е АД, берза. Не е на потребното ниво и понудата од аспект да одите на IPO. Треба да се промени начинот на кој ги гледаме АД и да се гледаат како сопственост на сите, а не на мнозинските акционери. Не очекувам брзи промени и на среден рок во наредните пет години не очекувам да се случи тоа, потенцира Пецовски.

Реплек, како што кажа, размислува за емисија на акции заради можностите што се нудат на берзата, но не брзо, туку за година до две.

Анкетата за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност (видувања на компаниите за трансформација во АД, IPO и берзанската котација) што во текот на годинава ја  спроведе агенцијата Стратум РиД ДООЕЛ на репрезентативен примерок од 100 испитаници од микро, мали, средни и големи компании во целата држава за потребите на Македонската берза покажува дека дури две третини од компаниите не размислуваат за трансформација во АД.

Во неа е согледано дека најбитните зделки во земјава се случуваат на деловните ручеци, а сопствениците за новостите во бизнисот се информираат преку пријатели и познаници, интернет страници и консултанти.

Според податоците во анкетата, една третина од компаниите се информирани за издавање хартии од вредност, а 40 отсто не знаат ништо за тоа. Преку формално образование се информирани само 11 отсто од компаниите, а другите се преку пријатели и познаници.

Над половина од АД не размислува за нова емисија на хартии од вредност, а над 70 отсто сметаат дека има голем ризик при издавањето на хартии од вредност. Разводнување на сопственоста поради учество на други во капиталот гледаат над 50 отсто од компаниите.

Како опција за финансирање го гледаат кредитирањето од банка и најголем дел сметаат дека банките даваат многу поволни кредити. Дури 60 отсто немаат потреба на финансирање преку хартии од вредност, а и од оние кои сметаат дека имаат потреба дури 85 отсто не би го направиле тоа.

Само 24 отсто од компаниите би присуствувале на советување за хартии од вредност. За котации на берза не размислуваат повеќе од половина од компаниите, а 16 веќе дискутирале за тоа. Околу 60 проценти не гледаат никаква предност, 16 би размислиле, а 12 немаат доволен капацитет во компанијата. Дури 33 процентисе сигурни дека не би се одлучиле.

-Причина за тоа е што најголем дел од менаџментите и сопствениците на компаниите целосно сакаат да ги контролираат и не дозволуваат некој да влезе. Немаат ни лица кои може да ги советуваат и можни опции им нудат консултанти. Само 17 отсто од компаниите изразиле интерес да го направат тоа ако има кој да им објасни, се заклучува во анкетата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како во Македонија се транспортираат примероци за лабораториска анализа за коронавирусот

Редакција

Сашко Кедев испишува историја: Го искачи К2, вториот највисок врв во светот, а за четири месеци застана на два врва над 8.000 метри

Редакција

Приведени четири лица за пукањето пред тетовската болница, по едно се трага

Редакција