Претседателот на Управниот одбор на Еуростандард банка, Николче Петкоски реагира на прес-конференцијата на Трифун Костовски и на Коста Костовски, каде што како што вели неосновано бил обвинет како лице одговорно за губење на дозволата на банката.
„Јас од 01.10.2019 година немам никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции. Иако до 29.11.2019 година бев и формално претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, како што напоменав, почнувајќи од 01.10.2019 година.
Уште повеќе, од 14.03.2020 година не сум ни вработен во банката. Во банката сум од декември 2009 година, а од февруари 2010 година до моето заминување десет години ја извршував функцијата на претседател на Управен одбор на банката. Управниот одбор на банката, се состои од два члена и се грижи за оперативното работење на банката.
Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство забораваат дека тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не беше донесена без знаење на некој од нив.
Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистрирани фирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури и сл., се во најмала рака смешни.
Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила.
Кога дојдов во банката од страна на погоре споменатите господа ми беше дадена примарна задача да обезбедам раст на билансот на банката, а нивна обврска како акционери беше да обезбедат дополнителен капитал од најмалку три милиони евра во наредните 3-4 месеци и тоа однадвор како нови средства.
За успешноста на моето работење ќе ги презентирам податоците за билансот на банката кога дојдов во банката (крајот на 2009 година) и кога ја оставив на управување на новото раководство (30.09.2019 година):
– Билансот на банката: 2009 – 27,8 милиони евра а во 2019 – 161 милион евра.
– Кредитното портфолио 2009 – 12,5 милиони евра, а во 2019 – 97 милиони евра.
– Паричните средства и паричните еквиваленти: 2009 – 9,2 милиони евра, а во 2019 – 41,4 милиони
евра“.
Тој во писмото додава дека денешната ситуација во која се наоѓа банката е само поради тоа што акционерите не биле способни како сопственици да ја следат банката во нејзиниот раст.
„Јас, иако не сум во банката веќе 11 месеци и не ја знам сегашната состојба, сепак сум сигурен дека со одговорно водење на стечајната постапка ќе има доволно средства да се исплатат доверителите, па дури можеби и акционерите ќе успеат да добијат нешто од нивните вложувања, но оние реалните, а не наводните 60-70 милиони евра споменати на прес конференцијата.
Костовски наместо да бараат други виновници, треба да се позанимаваат со себеси. Да се ангажирале толку колку што требало за банката и да го почитувале она што од нив како акционери го барала Народната банка, состојбата денес ќе беше сосем различна.
Оттука, и покрај одржаната прес конференцијата останува нејасно кој тоа, според акционерите, е виновникот за пропаѓањето на банката? Јас? Народната банка? Некоја политичка партија (за што во претходни ситуации исто бев обвинет од акционерите)? Некое бизнис лоби? Костовски немаа одговор на овие прашања, а свикаа прес конференција со цел да ја информираат јавноста за овие прашања.
Наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив.
Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ,“ додава тој во писмото.
Петковски побара јавно извинување за како што додава „изречените невистини, дезинформации и неосновани обвинувања со коишто се прави обид за моја дискредитација и како личност и како професионалец со повеќе од 25 годишно искуство во банкарството.
Во спротивно, ќе бидам приморан да си го заштитам личниот углед и да барам заштита на своите права пред надлежни институции, порачува тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Богов: Гувернерката ја донесе единствената исправна одлука за „Еуростандард банка“
Сите детали: Народната банка го објави решението за затворање на Еуростандард банка