еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Потпишан Општиот колективен договор, 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември со 10 отсто повисоки плати

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска после 15 години потпишаа нов Општ колективен договор за одржлив раст на платите во јавниот сектор.

Согласно Општиот колективен договор, од септември 130 илјади вработени во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти и исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10 илјади денари.

Во општиот колективен договор стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата. Договорено е новата методологија за пресметка на платите за вработените во јавниот сектор да започне од март 2025 година.

Вработените во здравството, образованието, армијата, полицијата и други сектори, прв пат ќе добијат регрес за годишен одмор.

Општиот колективен договор предвидува и други поволности – елиминира политички влијанија при одредување на платите, право на јубилејна награда за 10, 20, 30, 40 години стаж, дополнителни денови платен одмор…

Согласно Колективниот договор се предвидува доколку инфлацијата надмине 3 отсто, тогаш вработените ќе добијат зголемување на платата кое ќе биде еквивалентно во процентни поени на нагорното нејзино отстапување од овие основни 3 отсто. Или, илустративно – ако инфлацијата изнесува 7 отсто, тогаш зголемувањето на платите ќе изнесува 4 отсто.

Дел од синдикатите кои учествуваа во преговорите за општиот колективен договор, сепак, денеска не ставија потпис на договорот.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) објавија дека нема да го потпишат Општиот колективен договор за јавен сектор предложен од Владата.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски на прес-конференција информира дека во текот на разговорите со министрите не се согласиле со став 2 од член 14 од предлог општиот колективен договор  за кој рече дека е „камен на сопнување“.

Според Ралповски, предложениот општ колективен договор е штетен за работниците затоа што им одзема многу права и дека со него од наредната година ќе биде тргната минималната плата од законите.

Од Самостоен синдикат за образование, наука и култура – СОНК, пак, реагираа дека потпишаниот Општ колективен договор е без конкретни одговори на поставените и отворени прашања. Финалниот текст на договорт е привилегија само за ССМ и владините претставници, изјавија од СОНК.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Црни рекорди“ низ европските земји: На Стариот континент има најголем број на заболени и починати од Ковид-19

Редакција

Забраната за извоз на оделни житарици и сончогледово масло продолжена до 15 мај, укината царината за увоз на масло за јадење до 31 мај

Редакција

Еден од новопочинатите од корона вирусот со претходни заболувања, двајца имале контакт со потврден случај

Редакција