еМагазин
Image default
Македонија

Пратениците дадоа зелено светло за предлог-законот за попис во прво читање

Пратениците во Собранието денеска со 61 гласа „за“, без ниту еден глас против и без воздржани констатираа дека предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година, во прво читање е прифатлив и може да се проследи на натамошно читање.

Опозицијата не беше присутна во салата и не гласаше за пописот.

Пописот треба да започне на 1 април следната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика. Се очекува податоците да бидат готови за шест месеци. Пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.

За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу за време на расправата на пленарната седница во понеделникот побара поддршка од пратениците за законот посочувајќи дека се отстранети сите можности за манипулација.

„Имавме дискусија на седниците на комисиите, но би сакал да прецизирам дека со овој предлог на закон ние сме ги отстраниле сите можности за манипулации и дополнителни дела кои се согледани на претходните пописи и на претходниот попис, што пропадна.

Ние сме свесни за важноста за попис на населението што претставува за сите етнички заедници во земјата. Би сакал да ве уверам и вас и вкупната јавност и тие кои живеат во странство, надвор од територијата на Република Северна Македонија дека со овој предлог на закон ги имаме земено предвид интересите на сите државјани на РСМ, опфаќајќи ги и тие кои се на привремен престој или работат надвор од нашата територија“, рече Нухиу.

Дополнително, со овој предлог на закон е отстранета каква било можност за манипулација, додаде тој, особено врз етничка основа бидејќи, како што кажа, со закон гарантираме 45 пописни региони, посебни комисии, зналителни број на државни и регионални инструктори, регионални членови на попис и други учесници.

„Граѓаните државјани на РСМ кои во моментот на пописот ќе бидат надвор од територијата на нашата држава ќе можат да бидат регистрирани од блиски поединци кои попишувачот ќе може да земе матичен број од тие граѓани“, рече Нухиу додавајќи дека со законот ќе може нашите државјани сами да се попишат преку посебна апликација која ќе биде објавена преку Државниот завод за статистика.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Обвинителството се уште не знаат како дел од записникот од сведочењето на Камчев заврши во медиумите

Редакција

Хан по објавувањето на снимките за “Рекет“: Борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи

Редакција

Врнежите од снег од попладне ќе засилуваат: Во Маврово снежната покривка 73 сантиметри, на Попова Шапка 40

Редакција