еМагазин
Image default
Македонија

Пресечен меѓународен канал за трговија со луѓе, 48 лица вратени во Тајван заедно со доказниот материјал

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка и координација со Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Истражното биро на Министерството за правда на Тајван пресече меѓународен канал за трговија со луѓе.

– Постапувајќи по Замолница за меѓународна правна помош од Тајван преку ЕУРОПРАВДА, на почетокот на месец мај годинава е спроведена акција во која се пронајдени 48 лица од Тајван од кои седум лица се организатори – припадници на криминална група, а останатите потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Во акцијата се извршени претреси на две локации во населбата Бардовци, каде што се пронајдени 42 лица. Четири лица – организатори и предмети се пронајдени во два хотела во Скопје, а двајца од организаторите се лишени од слобода на ГП Блаце при обид да ја напуштат државата.

По пронаоѓањето, до вчера лицата беа сместени во Прифатен центар за странци во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.

Во текот на постапката, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција одржал онлајн состанок со надлежниот јавен обвинител од Тајван и претставници на Република Северна Македонија и Тајван во ЕУРОПРАВДА.

На состанокот биле споделени информации дека за организаторите се води истражна постапка во Тајван заради основано сомнение за сторени кривични дела Измама и Перење пари.

Врз основа на споделените информации, согласно Законот за меѓународна правна помош во кривична материја, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставил барање за отстапување на кривичното гонење.

– Оваа организирана криминална група, т.н. „Синдикати“ ги врбувала лицата во Тајван, ветувајќи им подобра работа и поквалитетен живот. Со цел да ги средат административните процедури за патување на жртвите им ги одземале патните исправи, а откако жртвите биле донесени на целното место им биле одземани и мобилните телефони.

Жртвите ги сместувале во куќи и истите постојано биле придружувани од некој од организаторите со цел да бидат контролирани и оневозможени да контактираат со надворешноста.

Задачата на жртвите била преку брз интернет да воспоставуваат контакти со потенцијални жртви на финансиска измама. Тие биле поделени во три групи како телефонски оператори што работеле на три нивоа, се вели во соопштението.

„Операторите“ во првото ниво на жртвите со кои комуницирале, се претставувале како службеници во банка, поштенска служба или осигурителна компанија.

Во второто ниво, со цел да прибават целосни лични податоци, се претставувале како полициски службеници и барале доказ од жртвите за извршена уплата на измислена казна врз основа на која ги краделе личните податоци на жртвите.

„Операторите“ од третото ниво претставувајќи се како обвинители и судии, ги убедувале целните жртви дека ќе се соочат со тешки обвиненија доколку не соработуваат и не префрлат одреден износ на парични средства на сметки што биле наменети за наводно намалување, односно ослободување од казната.

– Во текот на вчерашниот ден, сите 48 лица во придружба на овластените лица од Истражното биро на Министерството за правда на Тајван, се вратени во Тајван заедно со севкупниот доказен материјал обезбеден при извршените претреси.

Вакви слични акции во текот на минатата година беа спроведени и во Република Црна Гора, соопшти Јавното обвинителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сузбиена криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација, приведени девет лица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одбраната на Катица Јанева праша дали „Рекет“ е создаден за да згаснат обвиненијата против Орце Камчев

Редакција

Основен суд Скопје 1: Груевски е должен доброволно да се јави на издржување на казната затвор

Редакција

(Фото) Горат дел од куќите во Белско Маало: Пожар сериозно му се заканува на Кочани

Редакција