еМагазин
Image default
Македонија

Претседателот на турскиот Парламент откри дека има семејни корени од Гевгелија

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп оцени дека на средбите државниот врв имал мошни успешни разговори за билатералните односи, за регионални теми и за состојбата со пандемијата со Ковид-19.

Шентоп истакна дека турските компании се меѓу најзначајните инвеститори во земјата, и оти и покрај состојбата со пандемијата се очекува оваа соработка да се зголемува.

Претседателот на турското собрание на средбата со новинарите побара, како што кажа, елиминирање на структурите на организацијата Фето во Северна Македонија.

– Република Турција е несомнено првата земја која ја призна Северна Македонија со тогашното име и национален идентитет, и ако направиме едно ретроспективно оценување на нашите односи изминатите децении може да кажеме дека односите помеѓу Северна Македонија и Турција може да се категоризираат како први или меѓу најдобрите од аспект на искреност, поддршка, начелна политика или сеобемна помош, оцени Шентоп.

Ја повтори поддршката за влез на Северна Македонија во НАТО и за ЕУ, а го поздрави и членството на земјата во Црноморската иницијатива.

Во однос на економската соработка, претседателот на Големото турско собрание рече дека она што е најзначајно е дека било утврдено дека постои моќна волја за развивање на економските односи.

Периодот на пандемија, смета тој, покажа дека нашата економска соработка се заснова врз цврсти темели.

-Имаме една заедничка цел за раст на трговскиот обем и достигнувања на цифра над една милијарда долари, и верувам дека постпандемичниот период ќе успемее да ја достигнеме таа цел, рече Шентоп.

На средбата со премиерот Зоран Заев, Шентоп изјави дека добил информација за отворање на економска зона во Гевгелија, од каде што потекнува и неговото семејство.

– Да, јас секогаш со гордост кажувам дека моето семејство и моите семејни корени потекнуваат од Гевгелија. Во врска со тоа долги години имаше најави, се разговараше и се дискутираше околу формирање на една слободна економска зона.

Сметам дека Гевгелија не е избрана само дека е родниот крај на моите предци, туку како геостратешка точка се наоѓа на многу значајно место, се наоѓа на рутата, на патот од Турција кон Европа, исто така поминува низ значајни коридори и е многу пристапно место како за патен, така и за железнички сообраќај.

Вчера на средбата со премиерот Заев бевме информирани дека наскоро ќе имаме конкретни чекори во врска со оваа тема. Многу сме среќни, се надевам дека ова ќе даде импулс да се забрзаат инвестициите на турски бизнисмени во земјава, изјави Шентоп.

Претседателот на Големото турско собрание ги пренесе и пораките што се однесуваат на организацијата Фето, што турските власти ја прогласија за терористичка, по обидот за преврат во Турција во 2016 година.

Темата за Фето, како што кажа тој, е актуелна во односите на Турција со сите балкански земји.

Шентоп рече дел од лицата припадници на оваа терористичка организација избегале во странски земји и оти денес таму тие дејствуваат затскриени зад разни превези и оти во таа насока тие искажуваат загриженост и ги предупредуваат братските пријателски земји, „бидејќи овие структури претставуваат закана за националната безбедност во сите земји каде што постојат и дејствуваат“.

-И затоа од тој аспект ние уште еднаш истакнавме дека треба час поскоро да се елиминира оваа структура во Република Северна Македонија и да бидат екстрадирани тие лица кои вршеле кривични дела, односно терористички дела во Турција, бидејќи не можеме да кажеме дека човек или лица кои вршеле терористички дејности во Турција, во други земји, треба да се причека да се види дали ќе направат терористички дела, па врз основа на тоа да се екстрадираат, рече Шентоп.

Според него, тоа што важи за терористи кои во Ирак или во Сирија вршат терористички напади кога се враќаат во Европа, треба да важи и за Турција.

-Кога една личност има вршено терористички акт во одредена земја јасно е што треба да се направи во насока на меѓународната соработка за борба против тероризмот, рече претседателот на Големото турско собрание.

Шентоп кажа дека на средбите со премиерот Заев и преседателот Стево Пендаровски биле разменети покани за посета на Северна Македонија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а тоа би се реализирало по подобрување на состојбата со Ковид-19.

Укажа дека е потребно почитување на правичната застаченост и за припадниците на турската заедница во земјата, и од тој аспект посочи на важноста на претстојниот попис во земјата.

-Сметам дека чекорите кои ќе се преземат во насока на правична застапеност ќе бидат во правилна насока, рече Шентоп.

Претседателот на големото национално турско Собрание Мустафа Шентоп престојува во дводневна работна посета на Северна Македонија, која се совпадна со 21 Декември – Денот на турската настава.

Шентоп вчера имаше средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

На официјалното одбележување на 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик вчера обраќања имаа претседателот на Големото национално собрание на Турција, Шентоп, претседателот на Собранието, Џафери и премиерот Заев.

Работната посета на Сверна Македонија, Шентоп ја завршува со средба со претседателот на Уставниот суд, а потоа и со посета на училиште во Тетово.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најмладиот на 46-годишна возраст: Осум починати од Ковид-19, дополнително пријавени уште седум

Редакција

Десет новозаразени со корона вирусот во Прилеп, тројца починати

Редакција

МВР: Немало закани ниту напад кон полициски службеници во Арачиново, случајот е целосно расчистен

Редакција