еМагазин
Image default
Македонија

Заразените не се јавуваат на време на преглед: Расте бројот на случаи со Ковид-19 во Делчево

Продолжува неповолната епидемиолошка слика со Ковид-19 во Делчево. Според информациите на директорката на делчевската здравствена установа Марија Глигоровска во пораст е бројот на лица со симптоми на бронхо-пневмонија, кои по тестирањето излегуваат позитивни на коронавирусот.

„Продолжува тестирањето на пациентите од кои имаме многу и негативни, меѓутоа имаме и многу болни. Секој ден праќаме по еден до двајца пациенти со билатерална оборстрана бронхо-пневмонија за која подоцна излегува дека причината е Ковид-19“, вели Глигоровска.

Според директорката на здравствената установа, ваквата состојба се должи на тоа што пациентите на време не се јавуваат на преглед.

„Во разговор со матичните лекари пациентите обично кријат, тврдат или дека настинале, или дека со ладна вода се туширале, дека испиле по 10 ладни пива, дека ги фатил дожд и слично и после тоа испаѓа билатерална бронхо-пневмонија и во потешка состојба ги праќаме на понатамошен третман.

Наместо навреме да кажат за контактите и симптомите додека е уште рано за да ја добијат адекватната терапија и да одмараат за жал кај нас се случува спротивното“, додава Глигоровска.

Според директорката на делчевскиот здравствен дом ова ќе се надмине само со едукација и почитување на мерките. Според неа има случаи на исмејување на повозрасни пациенти кои деновиве починаа од Ковид-19 што предизвикува огормно разочарување кај здравствените работници.

„Пак апелираме до сите граѓани да држат дистанца, да не се исмејуваат со болеста, да ги почитуваат мерките, да не се доведат во ситуација да се уверат во тоа. Многу е важна дистанцата и маските и на време да се јават и дури да објават за својата состојба.

Не е тоа болест која е срамна, тоа е болест која го зафати цел свет и е тешко заболување може и со смртоносни последици да заврши. Затоа заради општото колективно здравје на цел град, потребно е на време да се јават, да се тестираат за да се заштитиме сите“, додава Глигоровска.

Денеска според новите објавени податоци на Министерството за здравство во Делчево се регистрирани уште тројца новозаболени од Ковид-19 како и двајца оздравени граѓани.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 низ скопските општини

Детален преглед низ болниците: Бројката на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 повторно повеќе од 300

Нови 121 заразени од Ковид-19 од 1.410 тестирања, најмногу во Скопје и Охрид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пожарот кај Пехчево се шири кон Бугарија

Редакција

Фетаи за Јанева: Секој што се огрешил мора да одговара

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работната група за уставните измени

Редакција