еМагазин
Image default
Техно

Проверете каде купувате онлајн: Објавен првиот регистар на е-трговци

Пандемијата отвори бројни можности за забрзување на растот на е-трговијата, но и бројни предизвици за е-трговците, информираат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

„Сѐ почеста е појавата на голем број нерегистрирани продавачи кои нудат производи за продажба преку пораки на социјалните медиуми, што претставува нелојална конкуренција за регистрираните онлајн продавници.

Кога купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми од продавачи (регистрирани или нерегистрирани) од кои не добиваат сметка или потврда (фактура) за купените производи, ги става во позиција да не можат потоа да ги остварат правата за нивна заштита, да го вратат или заменат производот ако не се задоволни од она што го добиле, со што се зголемува недовербата во онлајн купувањето.

Ваквите нарачки дополнително влијаат негативно кон развојот на е-трговијата и се дел од сивата економија, која е штетна за целокупниот развој на општеството,“ се вели во соопштението

Во текот на 2020 година беше лансирана платформата “eТрговија за сите” ecommerce4all.mk, која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија.

Како дел од платформата е и модулот посветен на сивата економија во рамки на кој се креираше и објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места, кои што се регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции.

Воедно, ваквиот регистар беше една од препораките во Извештајот од анализата на е-трговијата во 2018 година.

Онлајн регистарот на е-трговци, кој е изработен во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија, има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија.

Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија велат дека се потребни заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да ги унапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

„Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2.800 е-купувачи кој беше дел од сеопфатната Анализа на е-трговија, 2020 година, 47% од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61% од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо.

48% од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27% се изјасниле дека ретко добиваат.

Над 70% од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки.

Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението.

Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница,” – изјави Нина Ангеловка, претседател на Асоцијацијата за е-трговија

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми да придонесе за подобра бизнис околина за раст и развој на е-трговијата. Сивата економија и нелојалната конкуренција се пречка за развојот.

Фото: Photo by Brooke Lark on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Познати наградените на „Робомак“: Роботизирани раце, сфери и што уште не од младите научници

Редакција

Македонија2025 доделува стипендии за четвртиот Охрид камп за високотехнолошка извонредност

Редакција

Остани дома: секој ден нов филм со MaxTV кино

Редакција