ПСК „Пелистер“ информира дека никогаш нема да го продаде планинарскиот дом „Копанки“, откако Општина Битола им ја одзеде сопственоста и ја пренесе на државата. Од таму велат дека домот се обновува со доброволна работа и донации на планинари и граѓани на Битола.
„На општинските раководства (актуелното и претходното) не им ја пренесуваме сопственоста, бидејќи не веруваме дека ќе го управуваат подобро од планинарите. Се сомневаме дека политичарите ќе го продадат преку разни прикриени форми ( за што се умешни) и домот ќе стане комерцијален објект во кој планинарите ќе немаат пристап.
Не бараме општината да го изгради, ќе го обновуваме етапно, колку што можеме како и нашите претходници, но со цело срце и душа. Не сме фиктивно новоформирано здружение со пет членови, туку здружение со 84-годишна традиција низ кое поминале илјадници битолчани.
Често велиме дека Планинарскиот дом „Копанки“ е манастир на македонското планинарство, а манастир не се гради за една година. Тој што сака може да помогне. Многумина ја препознаа благородноста на идејата и помагаат.
Но, да се правда незаконско донесување на правен акт со кој се одзема сопственоста со брзината на обнова и да се објаснува дека тоа било „морално“, бидејќи ветиле во изборната програма е јасен пример за политички неморал“, велат од клубот.
Фото: ПСК „Пелистер“