Граѓанските здруженија реагираат во врска со неодамнешното донесување на измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политички партии.
Од таму велат дека „усогласувањето на законските решенија било направено на нетранспарентен начин и иако се наведува дека законското решение црпи легитимитет од препораките на граѓанското општество дадени во документот „Блупринт – Предлог за итни демократски реформи“ тие препораки се само селективно и делумно употребени во законот.“
„Сумарно овие законски решенија само ги зголемуваат финансиските средства за партиите кои ги обезбедуваат граѓаните, како и начините на кои партиите можат да обезбедат повеќе приходи. Тие не ги спречуваат злоупотребите, туку само индиректно ги намалуваат ризиците од злоупотреби, што може, но не мора, да ги реши проблемите. Со неукинување и неограничување на поединечните донации само се намалува прагот на донирање, но вкупниот износ никако не се ограничува. И во претходниот период, според финансиските извештаи на партиите, индивидуалните донации не биле повисоки од прагот кој сега се воведува. Партиите ќе може да изнајмуваат земјоделско земјиште, но истовремено, не е подобрена проверката на потеклото на донациите“, се додава во соопштението.
Од Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Центар за економски анализи, Хелсиншки комитет за човекови права, Фондација „Отворено општество“ – Македонија, „Еуротинк“, Здружение на новинари на Македонија, Институт за европска политика Скопје порачуваат ограничување на вкупниот износ на средства што може да се добијат од поединечни донации.
„Воведување на подобрен механизам за задолжителна проверка на потеклото на средствата за секоја донација.Да се прецизира дека под земјиште како недвижен имот со кој располагаат партиите се однесува на она на кое се наоѓаат партиските објекти . Задолжителна обврска на сите предлагачи на закон во сите фази вклучително и поднесување на амандмани да подготват проценка на влијание на регулативата која сакаат да ја донесат“, се вели во препораките од здруженијата.