Владата на Република Македонија, на 94-та вонредна седница, што ја одржа синоќа, го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Македонија за 2018 година.
„Оваа одлука Владата на РМ ја донесе врз основа на фискалните движења кои ја создадоа потреба од минимално прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот“, велат од Владата.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари.
„Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7% од БДП“, информираат од Владата.
Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година што ги предлага Владата на РМ да бидат усвоени од страна на Собранието на РМ, извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5% надолу, односно за 1 милијарда денари.
“На оваа седница Владата на РМ констатираше дека, во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на:
– Намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки.
– Согласно остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5%, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.
Имајќи го тоа предвид, Владата на РМ на седницата за ребаланс на буџетот го усвои предлогот на Министерството за финансии, расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5%, при што извршени се следните позначајни измени:
– Реалокација на средства помеѓу буџетските корисници;
– Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити.
– Намалување на каматните расходи за 897 милиони денари.
– Зајакнување на фискалниот капацитет на општините,
– Алоцирање на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со целн непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност“, велат од Владата.
Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата на РМ ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори.
Фото: Влада