еМагазин
Image default
Македонија

Речиси исполнети капацитетите на охридската болница за сместување пациенти со Ковид-19

Ситуацијата предизвикана од епидемијата на коронавирусот во Охрид се усложнува, оттаму што бројот заразени и заболени расте, а капацитетите за сместување пациенти во Општата болница се речиси исполнети.

Директорот на Општата болница, Горан Балевски истакна дека моментално во установата се хоспитализирани 70 лица, кои покрај во Инфективното се сместени и на одделенијата за геријатрија, интерни и хируршки болести, испразнети минатиот месец и ставени на располагање за прием нови пациенти болни од Ковид-19.

Балевски уште најави дека за зголемување на капацитетите за прием на пациенти се приспособува и дел од Одделението за нервни заболувања.

– Болницата со ротации е подготвена да прими уште пациенти. Се надеваме дека ќе можеме да се справиме со целата оваа пандемија. Ниту еден пациент од Охрид не смее да остане нехоспитализиран ако има потреба од тоа.

Се надевам дека еден дел од пациентите ќе биде во подобра општа состојба и дека еден дел позитивни ќе можеме да ги отпуштиме на домашно лекување, изјави тој.

Расте и бројот тестирања во Центарот за јавно здравје во Охрид, од каде се посочува дека зголемениот број позитивни и заразени е последица на неодговорно однесување на дел од граѓаните.

Директорот на Центарот, Сашо Точков истакна дека кога би ги почитувале мерките не би имале толкава бројка заразени, како во градот, така и во земјата.

– Мерките не се почитуваат од одреден број луѓе, дури имаме луѓе кои доаѓаат на тестирање без маска. Имаме такви случаи што ги среќаваме и овде секојдневно, изјави тој.

Моментално во Охрид има 258 активни случаи на инфицирани со Ковид-19. Доколку има потреба од дополнителни легла за згрижување пациенти, ќе бидат искористени капацитетите на останатите здравствени установи на подрачјето на Општина Охрид.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Финансиските извештаи на МЕПСО не се реални и објективни, велат од Државна ревизија

Редакција

Убава вест: Оздравени 42 лица од корона вирусот кои се лекувале дома и нови шест на клиниките, вкупно 272

Редакција

Мицкоски: Во ВМРО-ДПМНЕ нема раскол или некакви недоразбирања

Редакција