еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Рекорд: Лани во светот потрошени 2.240 милијарди долари за воени трошоци

Воените расходи во светот во 2022 година се зголемија за 3,7 отсто и достигнаа нов рекорд од 2.240 милијарди долари, а Европа забележа најголем пораст на расходите за воени активности во последните 30 години.

САД, Кина и Русија имаа најголеми воени расходи во 2022 година, а учеството на тие три земји сочинуваше 56 отсто од вкупните глобални трошоци, се вели во извештајот објавен од Стокхолмскиот меѓународен мировен институт (СИПРИ).

Терминот воени трошоци ги вклучува сите државни трошоци за воени активности, вклучувајќи плати и бенефиции, вооружување и опрема, воена изградба, истражување и развој, администрација и команда, како и воена помош за други земји, и е далеку поширок од расходи за оружје.

Глобалните воени расходи се зголемија во 2022 година, осма година по ред, до рекорден износ и најголем раст од 13 проценти е забележан во Европа, а првенствено е генериран од воените распределби на Русија и Украина.

И покрај тоа, војната во Украина, воената помош за таа земја, воените закани од Русија, но и тензиите во другите делови на светот, пред се во источна Азија, силно влијаеја на зголемените воени трошоци на другите земји.

Расходите за воени потреби во земјите од Централна и Западна Европа достигнаа 345 милијарди долари во 2022 година, што за првпат ја надмина сумата од 1989 година, од крајот на Студената војна. Расходите во 2022 година биле за цели 30 отсто повисоки од 2013 година, се вели во извештајот на СИПРИ.

Во Европа најголем пораст на воените трошоци е забележан во Финска (36 отсто), Литванија (27 отсто), Шведска (12 отсто) и Полска (11 отсто).

Вкупните воени расходи на членките на НАТО изнесуваат 1.232 милијарди и се за 0,9 отсто повисоки од 2021 година.

Се проценува дека во Русија средствата за војската во 2022 година се зголемени за 9,2 отсто на 86 милијарди долари. Минатата година таа земја потрошила околу 4,1 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за воени потреби, а 3,7 отсто во 2021 година.

Според руските податоци од крајот на 2022 година, расходите за одбрана, кои се и најголема ставка на воени трошоци, биле за 34 отсто повисоки од предвидените со буџетот усвоен една година претходно.

МИА/Фото: Руско министерство за одбрана

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пратениците побрзо да гласаат за уставни промени, повика германскиот пратеник Рот од Скопје

Редакција

Попладнево дојави за бомби во 15 училишта во Скопје

Редакција

Убава вест: Излекувани уште 13 пациенти од коронавирусот, вкупно 1.112

Редакција