еМагазин
Image default
Македонија

Рускоска: Кога ќе имаме цврсти докази за организаторите на настаните од 27 април, тогаш и тие ќе бидат обвинети

Триесет и шест сведоци и многу материјални докази, телевизиски снимки,  како и снимки од камери од институции, ќе ја докажуваат вината на обвинетите од настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија, изјави денеска обвинителката Вилма Рускоска по првото рочиште од овој предмет во кое се обвинети 33 лица од кои 31 за „тероризам“ и двајца како „помагачи“.

Обвинителката Рускоска рече дека засега само за овие обвинети имаат цврсти докази, но не исклучи и нови обвиненија доколку се обезбедат други докази.

– Кога ќе имаме цврсти докази за организаторите или нарачателите, тогаш и тие ќе бидат обвинети, рече Рускоска.

Прашана дали има потреба од обезбедување за неа, обвинителката рече дека до сега немала потреба од такво нешто и оти нема намера да побара бидејќи нема никакви закани кон нејзе.

Во воведните зборови попладнево Рускоска истакна дека нападите во Собранието ќе останат длабоко врежани во историјата на Македонија. Според неа, напаѓачите, кои се обвинети, биле предводени од Александар Василевски-Нинџа и Никола Митровски-Кољо. Таа смета дека одговорните во полицијата во тој период се поставиле на страна на напаѓачите, а биле помогнати од пратениците кои ги отвориле вратите во Собранието и водачите на „За заедничка Македонија“, кои имале задача со потпалувачки говори да ја повикаат масата кон Собранието.

На обвинителната клупа во судот денеска седнаа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска – Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа и Митре Питроповски.

Предметот го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска, која веќе закажа вкупно 37 термини за главна расправа.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Косово не го прифати барањето за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ осуден за „Монструм“

Редакција

(Видео) За малку избегната тепачка помеѓу Апасиев и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собрание

Редакција

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 по скопските општини: Најмногу во Аеродром 173 и Центар 171

Редакција