еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Само платени руски ботови и некои политичари се против уставните измени, вели Ковачевски

Граѓаните уште пред 32 години го определија курсот на движење на земјава, кон НАТО и кон ЕУ, а уставните измени, кои се согласно Преговарачката рамка, се нешто што може да го завршат исклучиво македонските политичари, а не некој однадвор, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со тоа дали разговарал со опозициската ВМРО-ДПМНЕ или чека странците да го сторат тоа, но и за роковите и што доколку не се донесат до ноември, кога завршува скринингот.

Тој додаде и дека досега ветото за евроатлантските интеграции доаѓало однадвор, а денес прв пат тоа може да дојде одвнатре.

-Ако досега ветото за Северна Македонија за евроатлантските интеграции доаѓаше однадвор, денес прв пат ветото може да дојде одвнатре и тоа од политички партии, кои понекогаш декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата, меѓутоа тие историски имаат докажано дека се против евроатлантските интеграции на државата.

Она што е најфрапантно е дека ние за првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал.

На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни, рече Ковачевски, додавајќи дека граѓаните пред 32 години се определиле земјата да стане дел од НАТО и ЕУ.

Ковачевски, кој денеска присуствуваше на поставување камен темелник на Полициската станица од општа надлежност Аеродром, нагласи дека уставните измени се работа, која можат да ја завршат само македонските политичари, без разлика на која политичка партија припаѓаат и додаде дека уставни измени се дел од Преговарачката рамка, која е усвоена од 27 земји-членки на ЕУ, прифатена од Собранието, процесот е почнат, откако работната група го изработила предлогот, Владата го одобрила, а потоа поминал и во собраниската Комисија за уставни прашања.

Премиерот вели дека според дискурсот во јавната комуникација нема ниту една забелешка на уставните амандмани, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање.

-Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи, кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација, итн..

Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари па и некои политичари, коишто заради финансиски средства мораат да така да зборуваат, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека дискусиите во однос на уставните амандмани се воделе со сите политички партии и тие биле јавни, со претставници на претседателите и на партиите од опозицијата, коишто ги истакнале своите ставови во однос на истите.

-Во нашиот Устав ќе бидат вклучени други народи, вклучително и делови од бугарскиот народ. Се работи за 3.400 граѓани коишто се самоопределуваат како Бугари и живеат во Република Северна Македонија, рече Ковачевски.

Истакна дека се повеќе на уставните амандмани не се гледа како како гласање во Собранието за додавање на други делови од народи, туку како гласање за европската иднина на државата.

Во однос на роковите вели дека преговарачката рамка е многу јасна и децидна – предвидува одржување на прва меѓувладина конференција по усвојувањето на заклучоците во Собранието, што се случи лани во јули, почеток на скрининг процесот, кој треба да се одвива до ноември.

Откако ќе заврши скринингот и откако ќе бидат направени уставните амандмани, значи се работи за два одвоени процеса тогаш веднаш утредента се закажува втората меѓувладина конференција на која што се отвораат поглавјата од првиот кластер – фундаменти, појаснува Ковачевски.

-И затоа го кажавме тој датум – дали ќе биде ноември, дали ќе биде 1 декември, 15 декември тоа е работа на реално она што ќе се одвива во Брисел. А тоа што се одвива во Брисел е секогаш јавно достапно, низ директен пренос, а сега преку многу јасни соопштенија од страна на сите тимови коишто таму одат, рече Ковачевски.

На прашањето што ќе се случи ако до 30 ноември не се спроведат уставните измени, Ковачевски рече дека ако се донесат на пример во февруари идната година, тогаш и ќе се одржи и меѓувладината конференција.

Додаде и дека во Преговарачката рамка се вели дека ЕУ го признава македонскиот јазик како македонски, чист без никакви фусноти, додавки и придавки, што претходно не било случај, што беше една од обврските на Унијата, а втората е по уставните измени без никакво одложување да се одржи втората меѓувладина седница.

Истакна и дека нема да има репреговарање за нова преговарачка рамка, што јасно било укажано од сите претставници од ЕУ земјите, кои дошле во Македонија, од страна на членовите на ЕК кои доаѓаат тука, како и од претседатели на држави-членки на ЕУ.

– Утопија и лажење на народот е кога некој политичар, особено од опозицијата ќе каже дека ќе преговарале нова преговарачка рамка. Тоа го гледавме 11 години кога тие преговараа, наместо во 2008 година Северна Македонија да изнајде решение со Грција, тие му кажуваа на народот дека ќе преговарале, ќе репреговарале и на крај што добивме – не добивме ништо.

Ние преговорите ги започнавме заедно со Хрватска. Заради неодлучноста, заради немањето визија на ВМРО-ДПМНЕ, 11 години чекавме во чекалната. По 17 години ги започнавме преговорите. Патот кон ЕУ Северна Македонија го почна заедно со Хрватска.

Денес Хрватска е веќе 10 години членка на ЕУ, дел од Шенген зоната и држава која што го воведе еврото и држава каде што наши работници не оделе да работат, а сега одат да работат за поголеми плати. А во Хрватска се поголеми платите, бидејќи Хрватска и ние сме имале исти плати, бевме дел од Југославија. Денес Хрватска има многу поголеми плати од тоа што има Македонија, единствено затоа што е дел од ЕУ. И затоа секој пратеник во Собранието треба ова да го има пред себе кога ќе ја носи одлуката во наредниот период, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи и дека нема друга алтернатива за земјава, освен европската и евроатлантската.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во јануари минимално зголемен бројот на работниците во индустријата

Редакција

„Поддржувачот на промена на името избран за претседател“: Светските медиуми за победата на Пендаровски

Редакција

(ВИДЕО) За Османи не е проблем Бугарите во Македонија да бидат споменати и во Уставот

Редакција