еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Се очекува тензичен викенд во Црна Гора, ЕУ и ОН изразија загриженост

Обединетите нации (ОН) и Европската унија (ЕУ) изразија загриженост поради „зголемените тензии и реторика на поделби“ во пресрет на устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски на Српската православна црква, Јоаникије в недела на 5 септември во Цетиње.

– Ги повикуваме сите, особено оние на позиција на авторитет и влијание, со свој пример да дадат директен придонес за смирување на тензиите и градење доверба, изјави постојаниот координатор на ОН, Питер Лундберг, во име на тимот на ОН во Црна Гора, по повод моментната ситуација во земјата.

Како земја членка на ОН, Црна Гора, според него, покажа силна посветеност кон инклузивност, почитување на различните мислења и заштита на човековите права на сите.

– Ова е момент за сите ние да се потсетиме на важноста од прифаќање на различноста и взаемно почитување во духот на тие заеднички вредности, заклучи Лундберг.

Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Ана Писонеро Хернандез, по повод претстојните настани во Цетиње, истакна дека поттикнувањето етнички и верски поделби и нетолеранција е опасно за безбедноста и благосостојбата на сите граѓани.

Таа за медиумите рече дека „широкиот меѓупартиски политички дијалог, насочен кон надминување на поделбите, е клучен за одржување на стабилноста во земјата и напредок на патот кон ЕУ“.

– Сега е време за сите носители на одлуки во Црна Гора да ја докажат својата посветеност кон европскиот пат и европските вредности, промовирајќи мир и толеранција и да работат заедно конструктивно, и покрај сите политички разлики, во корист на граѓаните и европската иднина на земјата, нагласи Писонеро Хернандез.

Тензиите драстично се зголемија поради најавеното устоличување, на кое остро се противат црногорските национални организации, здруженија и речиси сите опозициски парламентарни партии, кои најавуваат граѓански протести.

Присуство на протестите поради устоличувањето на митрополитот Јоаникије најави и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, а се очекува голем број граѓани да се соберат во Цетиње.

Началникот на Центарот за безбедност (ЦБ), Далибор Шабан, изјави дека безбедноста во градот се следи од минута во минута и дека „тензиите и поттикнувачката вербална реторика се повеќе се присутни“ пред најавеното устоличување на митрополитот Јоаникије.

Болницата во Цетиње, како што е соопштено, наложила сите пациенти чија состојба дозволува, да бидат отпуштени од болницата и да не се примаат нови, освен во итни случаи.

Агенцијата Бета, исто така, дознава дека некои луѓе од Цетиње одлучиле да ги преселат своите жени и деца во некои од другите градови во Црна Гора за претстојниот викенд од страв за нивната безбедност.

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ денеска свика седница на Советот за национална безбедност, на која се анализира актуелната безбедносна ситуација.

Кривокапиќ претходно изјави дека нема да присуствува на устоличувањето на митрополитот Јоаникије во Цетиње, велејќи дека е можна забрана за настанот доколку ризиците претставуваат опасност за граѓаните.

Митрополијата црногорско-приморска на СПЦ претходно се откажаа од собирање верници во Цетиње за време на устоличувањето, но ќе се одржи голема церемонија во Подгорица на 4 септември во Црквата на Христовото Воскресение. Најавено е присуство на илјадници верници, богата културна и забавна програма, а подготовките се во тек.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хорор во Делчево: Очув во неколку наврати силувал 15-годишно девојче, кога мајката не била дома

Редакција

Кинеските вакцини во Македонија се очекуваат на 15 или 16 февруари

Редакција

Зоран Китанов се повлекува од Одборот на директори на Македонски телеком, на негово место Владата го предлага Игор Милев

Редакција