Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов донесе одлука од денеска да почне постапка за формирање ново јавно претпријатие кое ќе биде задолжено за третман и благосостојба на уличните животни, со што стационарот „Вардариште“ ќе биде минато, информираат од Град Скопје.
„Стационарот „Вардариште“ повеќе нема да биде во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, туку ќе добие еднаков статус со другите јавни претпријатија кои се занимаваат со комуналните дејности во градот – хигиената, паркирањето, одржувањето на парковите и зеленилото и јавниот превоз на патници. Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани – рече Шилегов.
Процедурите околу формирањето на новото претпријатие течат паралелно со процесот на чипирање на домашните миленици. Целта е во истовреме да се стави под контрола механичкиот прилив на кучиња на улиците, предизвикан од неодговорни сопственици, и да се почне процесот за воведување нов системски пристап во третманот на животните скитници.
Паралелно со подготовката на административните процедури за основање на новото јавно претпријатие Град Скопје ќе се консултира со здруженијата за заштита и унапредување на правата на животните за формата и начинот на нивното вклучување во целиот концепт бидејќи нивната стручност и искуство можат да бидат максимално искористени во полза на благосостојбата на овие животни.
– Новото јавно претпријатие ќе биде основано со буџетски средства на Град Скопје, оние што досега сме ги давале ќе ги зголемиме, како и средства од ЈП „Комунална хигиена“. Во работата на новото претпријатие ќе се вклучи дел од постојниот персонал, а искрено се надевам дека професионално и волонтерски ќе се вклучат и активисти од здруженијата за заштита на животните – додаде Шилегов.
На новинарско прашање на темата, градоначалникот Шилегов одговори дека се уште не е одлучено за името на новото јавно претпријатие, ама негова желба е претпријатието да се вика „Лајка“ – кучето што го смени човештвото, а кое што е земено од улиците на Москва.